ЦИВИЛ – Центар за слобода ќе презентира извештај од мониторингот на изборниот процес во Република Македонија, на 10 октомври (вторник), во хотелот „Сити Парк“, со почеток во 12 часот. Настанот е отворен за медиумите, но и за сите заинтересирани граѓанки и граѓани и претставници на релевантни институции, политички партии и организации.
ЦИВИЛ внимателно ги следи настаните и процесите поврзани со изборниот процес во Република Македонија и редовно ја известува јавноста за наодите, анализите и ставовите преку медиумската платформа на организацијата. ЦИВИЛ ја набљудува општествено политичката состојба воопшто и во контекст на локалните избори од јануари 2017, со над дваесет мобилни набљудувачи распоредени низ целата земја.
По распишувањето на локалните избори на 6 август, ЦИВИЛ го интензивира мониторингот во изборен контекст и го зголемува бројот на набљудувачи и ја продлабочува соработката со граѓанските новинарки и новинари.
Во мониторингот на ЦИВИЛ е вклучен и тим од истражувачи, аналитичари и новинска редакција во Скопје. Организацијата спроведува изборен мониторинг од аспект на одбрана на човековите права и слободи, посебно од аспект на правото на глас, според уникатни методологии, комплементарни на набљудувањето на другите домашни и странски набљудувачки мисии. Мониторингот на ЦИВИЛ е комплексна, долгорочна програмска активност.
Мониторингот на изборниот процес оваа година е под називот #СлободниИзбори – проект за специјален изборен мониторинг.