Растот на стипендиите во Северна Македонија ќе биде ограничен годинава поради кризната состојба, а укинувањето или промените во методологијата на пресметки на одредени стипендии и бенефиции како студентски оброк, ги натера студентите да се организираат на протести.
Досега највисоката поединечна стипендија за прв циклус на студии за домашните студенти на високообразовните институции во Северна Македонија изнесуваше околу 100 евра.
Во претходната академска 2021-2022 година Владата преку Министерството за образование и наука донесе одлука за подигнување на стипендиите за студентите и порамнување на категориите на стипендии.
Со тоа запишаните студенти на македонските државни универзитети ги имаа меѓу највисоките стипендии споредено со земјите од регионот.
Конкурсот за студентски стипендии на Министерството за образование и наука (МОН) за академската 2022-2023 година, покрај сите досегашни понуди воведе и две нови категории на стипендии кои се резултат на информациите за недостиг на кадар во одредени области, а конкурсот ќе биде објавен следната недела.
Едната категорија е наменета за студентите запишани додипломски студии од прв циклус на јавните и приватните високообразовни институции на студиските програми за преведување и толкување од македонски на албански јазик и обратно (мајчин јазик) и преведување и толкување од албански на македонски јазик и обратно (немајчин јазик).
Другата категорија пак, е наменета за студенти запишани на додипломски студии од прв циклус запишани на студиски програми по историја на уметност, археологија, ликовна уметност и етнологија и антропологија.
Од МОН посочуваат дека висината на двата вида стипендии ќе изнесува 6.050 денари месечно, а право на аплицирање имаат студентите кои постигнале особено висок успех во учењето од I-та до тековно запишаната студиска година со најмалку 7,50 просечен успех.
-Воведувањето на овие нови студентски стипендии значи проширување на можностите за финансирање на студирањето на младите и уште еднаш ја потврдува заложбата на МОН за подобрување на студентскиот стандард, соопшти министерството.
Стипендиите зголемени за 60 проценти
МОН и Владата минатата година одлучија значително да ја променат политиката на стипендирање ученици и студенти, со цел да се излезе во пресрет на што повеќе млади, но и да добијат зголемени месечни износи со кои навистина ќе ја почувствуваат поддршката која државата им ја обезбедува во текот на образовниот процес.
Па така, за најголем дел од категориите на ученички стипендии кои се доделуваа и досега, месечните износи се зголемени за околу 60 проценти, а воедно воведени се и нови категории, од кои, позначајни се оние за ученици кои ќе се запишат во дуални паралелки, во дефицитарни струки или пак во тригодишно средно стручно образование.
Исто така зголемени беа и месечните износи на поголем дел од студентските стипендии, некои од нив и за над 80%.
Учениците и студентите кои немаат можност да аплицираат електронски, пополнуваат хартиена пријава (евидентен лист) и ја доставуваат потребната документација по соодветниот конкурс во Министерството за образование и наука.
МОН обезбедува поддршка при аплицирањето за секој заинтересиран кандидат, кој ги исполнува условите за одредена категорија на стипендии, преку Секторот за ученички и студентски стандард.
Која од земјитеод Западен Балкан има највисоки стипендии?
Стипендиите кои ги доделуваат државите од регионот се еден од основните инструменти за подобрување на студентскиот стандард. Стипендиите се доделуваат од буџетот на државата и се наменети за студентите кои се запишани во прв или втор циклус на студии на државните универзитети. ТРТ Балкан анализираше колку изнесува просечната стипендија за успешните студенти во шесте земји од Западен Балкан.
Според податоците, еден просечен балкански студент со висок просек може да оствари право на стипендија на додипломски студии во износ од 50 до 100 евра.
Црногорските студенти може да се пофалат со нешто повисок студентски стандард. Тие имаат право на стипендија од државата за студии во првиот циклус од 86 евра месечно во текот на академската година која ја гарантира државното министерство за образование.
Министерството за образование на Србија преку конкурс доделува околу 110 евра месечно во текот на студирањето како стипендија, а овој износ може да биде вратен како кредит доколку не се исполнат одредени критериуми за постигнат успех на студентот.
БиХ има најниска студентска стипендија
Најниска месечна стипендија се доделува во Босна и Херцеговина каде студентите аплицираат преку повиците на локалните самоуправи. Вообичаено еден студент во текот на академската година прима стипендија од 50 евра.
Во зависност од локалната самоуправа, студентската стипендија може да достигне и до 75 евра. Учениците во средните училишта со висок просек имаат можност за стипендија во вредност од 25 евра.
Косово има бесплатно високо образование
Косовската Влада го исполни ветувањето на премиерот Албин Курти и ја укина партиципацијата што студентите ја плаќаа за запишување семестар на државниот универзитет во Приштина. Целосното бесплатно високо образование во Косово е поддржано и со стипендии од 80 евра месечно за студентите со висок просек.
Во Косово има и поединечни повици на општините кои ги стипендираат студентите запишани на високообразовните институции.
Штосе случува во Албанија?
Албанија во 2018 година се соочи со големи протести на студентите бидејќи државата ги зголеми износите за партиципација на државните студенти. Затоа со студентските движења беше договорено стипендиите за студентите да изнесуваат 82 евра месечно.
Исто така Министерството за образование на Албанија издвојува и посебен фонд за успешност, со грантови за напредни проекти вредни неколку илјади евра за проекти на студенти на додипломски, магистерски и докторски студии.
Инаку, за подобар студентски стандард потребно е и вложување во студентските домови, подобри услови за културниот и спортскиот живот на студентите, како и обезбедување на попусти во јавниот превоз, субвенционирање на дел од оброците и учебните материјали.
С.Т