ВЕСТ НА ДЕНОТ
Денеска се одбележа Денот на македонскиот јазик – 5 Мај, кој беше прогласен во 2019 година со одлука на Владата.
На овој ден во 1945 година, со Решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а набргу потоа, на 7 јуни 1945, е усвоен и правописот на македонскиот јазик. Кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик се заокружува со основоположничките дела на Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Ковачевски: Блокадата на Собранието неодговорно однесување што не носи добро никому
Најавената блокада на Собранието е неодговорно однесување кое што не носи добро никому освен на оној којшто тоа го прави, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање за најавената блокада на Собранието од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Ова е едно неодговорно однесување кое што не носи добро никому освен на оној којшто тоа го прави, а тоа е Никола Груевски кој очигледно дека се уште му дава наредби на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ да прави вакви чекори. Собранието на државата треба да биде место каде што се унапредуваат законите, каде што се носат решенија за справување особено со кризава која што ја имаме во државата, а која што е резултат на војната која што се води во Украина и блокирање на Собранието е најлошото нешто што може некој политичар да го направи во овој момент“, нагласи Ковачевски.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Папата Франциск го предупреди лидерот на Руската православна црква да не биде „олтар момче на Путин“ и да ја оправдува инвазијата на рускиот претседател на Украина. Во интервју за италијанскиот весник Corriere della Sera, Папата Франциск изјави дека на 16 март, 2022 имал 40 минутен разговор преку Zoom со патријархот Кирил, клучен поддржувач на Владимир Путин и неговата војна во Украина.
Украинската војска соопшти дека руските сили се фокусираат на уништување на украинските единици во Азовстал.
Украинските вооружени сили соопштија дека руските војници се концентрирани на уништување на украинските единици во фабриката за челик Азовстал во Мариупол.
Најмалку 25 цивили се повредени во ракетен напад врз Краматорск, Доњецк, извршен од страна на руските сили, соопшти Советот на градот на Телеграм.
Соединетите Американски Држави обезбедија разузнавачки информации за движењето на руските единици што им овозможи на Украинците да таргетираат и да убијат повеќе руски генерали кои загинаа за време на агресијата врз Украина, според високи американски претставници, објави Вашингтон Пост, а пренесува Цивил Медиа.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, се обрати попладнево на донаторската конференција на ЕУ за Украина со барање за средства и забрзана процедура за членство во ЕУ.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПРОТЕСТИ Вработените од Управата за водење на матични книги денеска од 15 до 17 часот ќе протестираат барајќи исполнување на нивните барања. Протестот ќе почне од Собранието и ќе заврши пред Министерството за правда.
МТСП Инвестираме во детската заштита, за само 100 дена, издадени се осум решенија за отворање на нови градинки, изјави денеска министерката за труд и социјални политики, Јованка Тренчевска.
ЕВРОБАРОМЕТАР Најновото истражување на јавното мислење на граѓаните на ЕУ покажува широка поддршка за начинот на кој Унијата се справува со Русија и војната во Украина.
Според анкетата, 80 отсто од граѓаните на ЕУ ги одобруваат економските санкции против Русија, додека последните истражувања во Русија покажуваат дека поради санкциите поддршката за власта на Путин е зголемена. Над 80 отсто руски граѓани сметаат дека треба да го поддржат Путин поради санкциите, иако не се согласуваат со неговата политика.
АНАЛИЗА
„Денес, сè е подмукло. Масовно се убиваат цивили. Деца и жени на спиење. Последниот европски пример со руската агресија врз Украина е траорно загрижувачки. Веќе е тешко да се уточни бројот на досега загинатите, а на војната не ѝ се гледа крајот. Царува оружјето и царуваат лажните вести, а пропагандата од сите страни го манипулира светското јавно мислење. Оваа војна во европска Украина не е само воена војна. Ова е војна на вести, на информации, на манипулации, на пропаганди, на кампањи. Како што на воениот терен се води оружена војна за секој метар земја, така во етерот се води исто така жестока војна за наклоност на јавното мислење. Од една страна осудата за воената агресија, од другата страна оправдувањата за неа.“, прочитајте во анализата Кога совеста е мртва, тогаш умира вистината од Зоран Иванов.
МУЛТИКУЛТУРА
Писарев: На добар пат сме да живееме во мултикултурна и хармонична држава
„Минатиот петок присуствував на џума, надвор на сокачињата седевме пред џамијата која што ја викат „Кускадија“ (судија што немал брада). Другар кој што седеше до мене знае одлично албански јазик и цело време гледам се чуди и вели „што збори бе овој оџа“, и едвај чекав да заврши џумата да го прашам што зборуваше оџата.“, вели Александар Николиќ Писарев.
ДИСТРИКТ
Во Дистрикт на Цивил Прес Студио, интервју на Зоран Иванов со Тамара Чаусидис – новинарка од кариера, основач и поранешна лидерка на првото македонско новинарско синдикално движење, зборува за сопствениот новинарски пат, од новинар на деск до уредник во еден од најсложените новинарски продукти – истражувачкото новинарство како и за новинарството денес, за неговата зависност и за неговата слобода како и за уште по нешто.
Д. Тахири