ВЕСТ НА ДЕНОТ
Османи го враќа Тодоровски од амбасадор во Прага, една од причините е лажното претставување на Најчевска како културно аташе
На амбасадорот на Македонија во Прага, Сашко Тодоровски, му е скратен мандатот и тој е вратен во Македонија.
Ова го соопшти шефот на дипломатијата Бујар Османи на онлајн брифинг со новинарите, наведувајќи ги слабостите во работата како причина за оваа одлука, пренесува Независен.
„Имало констатирани нерегуларности во неговата работа, нефункционалност, лажно претставување на сопругата како културно аташе, непочитување на инструкциите од страна на МНР, и тоа е подолг процес. Процедурата за неговото враќање трае повеќе месеци“, посочи Османи.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Беџети: Овој Коридор ќе биде модел за во иднина, досега проектите ни беа „сиромавиот плаќа поскапо“
Универзитетскиот професор Абдулменаф Беџети во интервју за „Локално“ дека Коридорот ќе се реализира и тоа ќе биде модел за во иднина, со какви изведувачи треба да се преговара.
„Не вели џабе народот сиромавиот плаќа поскапо! Е тоа ни се случува речиси со сите досегашни проекти. Па зарем толку кратко паметење имаме што се случува во одредени делници на Коридорот 10, со тогашнио Актор, и др. грчки или пак домашн фирми? Или пак проектот со пругата Бељаковце- бугарска граница за кој речиси се потрошени почетните предвидени инвестициски износи( околу 250 милиони долари) а проектот за 30 години не е реализиран ниту 30%, дури во некои сегменти и се плаќаше за конзервација на домашни компании! До каде се тие денеска со реализацијата?“, истакна меѓу другото Беџети.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
НАПАД Русија најверојатно го организираше овој напад во обид да ја врати војната дома пред руската домашна публика и да постави услови за поширока општествена мобилизација. Неколку индикатори сугерираат дека нападот бил внатрешно спроведен и намерно организиран, оценува Институтот за изучување на војната (ISW), тинк-тенк организација со седиште во Вашингтон.
САД Русите постојано прибегнуваат кон операции со лажни знамиња за дополнително да извршат акти на провокација, но во случај на напад со беспилотно летало врз Кремљ, САД нема да шпекулираат додека не се разјаснат фактите.
Портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, во средата го коментираше ова прашање како одговор на прашањето дали нападите со беспилотни летала во центарот на Москва би можеле да бидат операција со лажно знаме управувана од Русија.
ДЕМАНТ Украинскиот претседател Володимир Зеленски го негираше нападот на Украина врз резиденцијата во Кремљ на рускиот претседател и самиот Путин, додавајќи дека украинската страна ќе го остави на Трибуналот.
ФЛЕШ ВЕСТИ
АПЕЛ Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) упати апел до своите членки и до сите медиуми да се држат до професионалните стандарди при известувањето за убиството на ученици во основното училиште „Владимир Рибникар“ во Белград, Србија.
ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ Во црквата „Св. Спас“ во Скопје денеска се одбележаа 120 години од смртта на македонскиот револуционер и борец за слобода Гоце Делчев.
НАЦИОНАЛНА СТРАТЕГИЈА Денеска се одржа визионерска работилница со фокус на заедничката надворешна и безбедносно-одбранбена политика, како дел од консултативниот процес за креирање на Националната развојна стратегија.
БЕЗ ПАРДОН: Панел дискусија на ЦИВИЛ за слободата на медиумите, дезинформациите и пропагандата
Таневска: Во трката за информации со дефицит на новинари за нивна проверка се создаваат дезинформациите
„Во економијата и во здравството не може да се брка сензационализам. Потребно е време и не може да се даде рок дека тоа мора веднаш да се заврши. На крајот ќе излезе полу-точна информација или неточна. Мислам дека економијата и здравството се теми за кои е потребна сериозна стручност, меѓутоа има и многу променливост, која не нужно значи и нестабилност. Тоа зависи, на пример во економијата, од состојбата на пазарот, енергенсите и сл., а во здравството од нови откритија, истражувања… Во здравството може да се случи еден лек да биде успешен за 100 луѓе, за двајца не. Тоа не значи дека е не е успешна, на пример, вакцина“, истакна Соња Таневска, главна уредничка на Градска.мк. на панел дискусијата „Дезинформациите и пропагандата ги кршат човековите права“, што се одржа вчера по повод светскиот ден на Слободата на медиумите во организација од ЦИВИЛ.
Мишев: Руската пропаганда опстојува во нашите медиуми
„ЦИВИЛ како организација за човекови права и слободи вложува огромни напори да го демаскира рускиот наратив кој се пласира по македонските медиуми. Но, мора да признаеме дека тие наративи, и покрај сиот напор, опстојуваат во нашата земја, со индиции за негово зголемување. Наше е да ги откриеме, но додека вистината ја облекува „кондурата’, лагата веќе го свртела половина свет“, изјави Драган Мишев, уредник во ЦИВИЛ Медиа , на панел дискусијата на ЦИВИЛ „Дезинформациите и пропагандата ги кршат човековите права“, по повод Светскиот ден на слободата на медиумите.
Дерала: Нема многу причини за славење на Светскиот ден на медиумски слободи со речиси 70 потврдени убиства на новинари низ светот
„Ако го погледнеме Извештајот за слободата на медиумите, ќе видиме дека на триесет годишнината откако е воспоставен Светскиот ден на слободата на медиумите ние немаме многу причини за славење. Ако ги погледнеме кои се бројките во 2022 година со речиси 70 потврдени убиства на новинарки и новинари и медиумски работници во светот, што е двојно повеќе од претходните години“, истакна Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ на панелот „Дезинформациите и пропагандата ги кршат човековите права“.
АЛ-ПРЕС
Денешниот фокус на албанските медиуми во регионот беше поставен на случувањата со предизборната кампања во Албанија и Косово. Во пресрет на локалните избори во Албанија, специјалниот претставник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар ги повика албанските граѓани да не се враќаат во минатото, а овој повик од албански аналитичари е протолкуван како јасна порака дека Сали Бериша е минато. Специјалното обвинителство во Косово поднесе обвинение против едно лице, за воени злосторства во Косово.
Во денешното издание на АЛ –ПРЕС, редакцијата на ЦИВИЛ Медиа издвои уште неколку содржини кои ја опишуваат политичката и општествената сцена во соседните земји Албанија и Косово.
КОМЕНТАР
„Важно е да се каже дека за наводната подготовка на нуклеарни боеви глави за вооружување на руските воени авиони нема потврда од релевантни воени аналитичари во западните медиуми. Нема да биде чудно, како и многу пати досега, ова да е уште еден потег на Москва во нејзините операации со „лажни знамиња“ да нарача лажни објави, со цел да креира страв и паника од употреба на рускиот „супериорен “ нуклеарен арсенал, и под наводно обвинение на западот за лудоста на Путин, „уплашен“ дека рускиот диктатор е подготвен на се, да добие уште некој поен во воените пропагандни игри, откако станува се поочигледно дека на терен руската војска не успева да ги оствари замислите на Кремљ.“, пишува Драган Мишев во блиц коментарот „Ѕвецкање со нуклеарно оружје на Твитер“.
Д. Тахири