ВЕСТ НА ДЕНОТ
Осум години затвор за Рашковски
Во Основниот кривичен суд денеска Драги Рашковски беше прогласен за виновен за кривичните дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“ во предметот „Софтвери“ и судот му определи осум години години затвор, во кои ќе му се смета и времето поминато во куќен притвор. Рашковски доби казна затвор од седум години за злоупотреба на службена положба и една година и шест месеци за делото перење пари, за што судот му одреди една единствена казна затвор од осум години.
ИЗЈАВИ НА ДЕНОТ
Ковачевски: Сите регионални иницијативи носат придобивки за граѓаните и бизнисот во Западен Балкан, секоја од нив е чекор напред кон ЕУ
„Берлинскиот процес е исклучително важен за регионот не само поради овие договори кои ги споменав, туку и поради иницијативите кои понатаму треба да се преземат а се врзани со енергетиката, економијата, дигитализацијата, инфраструктурата и можностите за инвестирање, како и дополнителната мобилност на граѓаните и бизнисите и секако развој на соработката во многу други области вклучувајќи ја културата, образованието, европските интеграции и размената на голем број други искуства помеѓу земјите.
И на овој план ние заеднички можеме да се пофалиме дека имаме направено навистина многу особено преку иницијативата Отворен Балкан. За многу кратко време даде конкретни резултати меѓу трите држави, Северна Македонија, Албанија и Србија и кои што се видливи и кои сите ги поздравија како граѓаните така и компаниите на трите држави.“, изјави меѓу другото премиерот Димитар Ковачевски на прес конференција по средбата со албанскиот премиер Еди Рама.
Рама: Треба со срце да го поддржиме Берлинскиот процес за да ја вратиме неговата функционалност
„Ние треба со срце да го поддржиме Берлинскиот процес за да го вратиме Берлинскиот процес во еден функционален процес целосно, како што покажа и Отворен Балкан дека ние можеме да бидеме функционални кога сме заедно и сплотени. Берлинскиот процес не застана поради тие што го основаа Отворен Балкан. Забележа застој, затоа што од не потпишувам, или ќе се видиме утре, задутре, затоа забележа застој. Ќе му дадеме на Берлинскиот процес нов поттик. Се надевам дека ќе го претвориме во еден процес директно поврзан со планот за финансирање на ЕУ“, изјави албанскиот премиер Еди Рама на заедничката прес конференција со Ковачевски.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Четири лица загинаа, а уште 32, меѓу кои и едно дете, беа повредени во руски ракетен напад врз Лвив, западна Украина, пренесува Укринформ.
*
Русите бегаат од стратешкото село Клишчиивка, Украина се поблиску до враќање на Бахмут, руските сили користат хемиско оружје против украинските војници
*
Огромно понижувањето за Евгениј Пригожин, Путин ја предаде контролата над медиумскиот бизнис на Вагнер на својата љубовница, гимнастичарката Алина Кабаева, како дел од големото преземање на корпорациите под контрола на шефот на парамилитантната организација, по неуспешниот пуч и егзилот на Пригожин во Белорусија.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ЛИЦИТАЦИЈА По Мијалков, и конфискуваниот имот на Никола Груевски на јавна аукција.
КОНТРОЛА Европската Унија испраќа оценска мисија во Северна Македонија за работата на Судскиот совет, по низата скандали и превирања изминатите неколку месеци, најави евроамбасадорот Дејвид Гир.
СЛУПЧАНЕ Проблемот со снабдување со електрична енергија во селото Слупчане денеска ќе биде решен. Сите граѓани мора да плаќаат за потрошената електрична енергија, а Министерството за економија ќе помогне во секоја ситуација каде што има потреба, согласно надлежностите кои ги имаме, кажа во изјава за медиумите министерот за економија Бектеши.
ТЕХНОЛОГИИ По неколкумесечна тајна работа, сопственикот на Фејсбук „Мета“, ја објави апликацијата „Threads“, клон на Твитер кој може да предизвика пресврт во светот на социјалните медиуми.
АЛ – ПРЕС
Редакциски избор: Од Европската унија велат дека одлуката на Владата на Косово на 29 јуни, да ги прогласи „Цивилна одбрана“ и „Северна бригада“ за терористички организации е „едностран чекор“, а претседателката на Комисијата за надворешни работи во Парламентот на Велика Британија, Алиша Кернс, инсистира дека во Косово се шверцува оружје од Србија, за што КФОР експресно негираше.
СЛОБОДНА ЗОНА
Анализа на Љубомир Костовски за „Црковен собир со проруски љубители на селфи“, Луан Имери пишува за „Профитот на банкарите од непрофитното граѓанско здружување’, „Збогум на разумот, збогум на правдата, збогум на етиката – такви се македонските судови“, пишува Ненад Јовановиќ во колумната Скриените одаи на македонското кривосудство.„ Просто е неверојатно како Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не сфаќаат дека тоа што не се ослободија од гревовите на Груевски и неговата камарила…“, пишува авторот Зоран Бојаровски во „Груевски переше пари, Мицкоски го „пере“ Груевски“.
Д. Тахири