ВЕСТ НА ДЕНОТ
Украинската амбасада, денеска, 24 август, го одбележува Денот на независноста на Украина. Свеченоста во Скопје започна пред споменикот на познатиот украински писател, Тарас Шевченко во Паркот на жената борец, во 9:45 часот наутро. Свечената поворка продолжи кон Алејата Украина, на која говор одржа Амбасадорката на Украина Лариса Дир, а свои обраќања имаат и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски и претседателот на здружението „Лесја Украинка“, Олександр Урбанович. Во Алејата Ураина е поставена и изложба „Деца на војната“, која се состои од ликовни творби на децата од Украина.
Пораката што ја упати Украина е: Русија е терористичка земја!
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Ставот мене ме зачудува. Јас имав интервју на една од националните телевизии на крајот на минатата недела кога кажав дека тоа што го слушам од сегашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ многу ме потсетува на 11-те години на претходниот претседател, а тоа е дека постои некоја светска завера против нас. Тоа што го слушнав беше дека светот и Европа се здружиле против Македонија. Такво нешто слушавме и во минатото. Се подгреваа чувствата на граѓаните на таков начин, цело време беа плашени граѓаните дека постои некаков супер непријател кон нас Македонците, меѓутоа ние после тоа се уверивме дека тоа не е така. Северна Македонија стана членка на НАТО, сите гледаме колку е значајно што сме земја членка на НАТО во време кога се води воен конфликт во Европа, Второ, и покрај сите хистерии и лажни обвинувања дека ќе настанела бугаризација, асимилација, губење на јазик и на идентитет, ние ги почнавме преговорите со ЕУ со заштитен македонски јазик, со признаен македонски јазик и идентитет преку резолуции на германскиот Бундестаг“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.
ВОЈНА ПРОТИВ УКРАИНА
Украинците вторпат по ред го слават Денот на Независноста на Украина во услови на жестока руска агресија против Украина. Сега, бранејќи ја својата независност, Украина крвари. Украинците го бранат своето право на живот, суверенитет, територијален интегритет, како и универзалните човечки вредности, односно оние начела и морални принципи кои помагаат да се хармонизира постоењето на луѓето“, изјави денеска амбасадорката на Украина, Лариса Дир, по повод одблежувањето на Ден на украинската независнот во Скопје.
*
Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи Бујар Османи имаше видео-обраќање на Самитот на Кримската платформа на кој беше повторена поддршката што Организацијата за безбедност и соработка во Европа и ја дава на Украина која се соочува со руската воена агресија од 24 февруари 2022 година, соопшти македонското МНР.
РУСИЈА
Ако последното поглавје на Евгениј Пригожин навистина е напишано, тој живееше како што навидум умре: насилно, бурно и во центарот на интригите. Фактите сè уште не се сосема јасни. Во средата попладне, деловен авион Embraer Legacy, регистриран кај шефот на Вагнер, „падна“ од небото јужно од селото Куженкинское во руската област Твер. Сите 10 патници во авионот беа прогласени за загинати. Руската државна агенција за воздухопловство соопшти дека во авионот бил Пригожин.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ОДБРАНА Денеска во касарната „Алексо Дамниевски Бауман“ во Велес се одржа свечена церемонија за промоција на 120 подофицери и свечена заклетва на 150 професионални војници.
ИНВЕСТИЦИИ Компанијата „Теламон – Европа“ го пушти во употреба новиот, втор производствен погон со површина од 2.100 m2 во кој во изминатиов месец беше инсталирана и ставена во функција линија за склопување делови за автомобилската индустрија, со капацитет за производство од 10.000 единици на ден. Покрај директната финансиска инвестиција, “Теламон – Европа“ на годишно ниво, по основ придонеси и даноци, во буџетот на Република Северна Македонија уплаќа над 400 илјади евра.
ДИПЛОМАТИЈА „Ескобар патува во Северна Македонија за да разговара за билатерални и регионални прашања и да продолжи да го зајакнува нашето партнерство со ценет НАТО сојузник. Тој се надева на продуктивни и заеднички дискусии со владините лидери за време на неговата посета, особено поврзани со идната интеграција во ЕУ и долгорочниот просперитет на Западен Балкан“, соопштија од Стејт департментот
АНАЛИЗИ
„Како што пишува деновиве еден од најдобрите познавачи на кремљовската пропаганда – новинарот Георги Лозанов „Русија може и да ја изгуби војната во Украина, ама ќе ја добие во Бугарија“, а ние би можеле да додадеме „и во Македонија“. Имено, ако се продолжи со политичката нестабилност во Бугарија, сѐ повеќе ќе расте популарноста на партијата „Преродба“ на Костадинов, па на следните избори бугарските гласачи можат да издејствуваат кабинет кој ќе го формира најголемиот русофил во државата (добро, после Радев). Кај нас таа функција на замрзнувач на состојбите ја презеде своевремено Груевски, кога под шаторот на западните сили се одвиваа разговори за разрешувања на спорот со Грција и кој со митот за античките Македонци како наши предци (2009 г.) успеа да стави неостик на нашите асоцијативни капацитети“, пишува Љубомир Костовски во анализата „ВМРО-ДПМНЕ во кремљовски манир: Постојано создавање гласачи кои не знаат каде одат и што ги очекува на крајот од патот“.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Го дочекав и тоа. Во еден интернет медиум, инаку гласило на националистичката опозиција, во повеќе наврати ме нарекуваат медиумски тајкун. Ова секако дека ќе го прифатам, барем делумно, како комплимент, односно како признание, и тоа не само за мене, туку и за сите мои колешки и колеги со кои работам и соработувам. Од однесувањето на пропагандистите се гледа дека тоа што го правиме е големо и влијателно. Во секој случај, ова не е текст за значењето и вистинитоста на тврдењето дека сум тајкун, бидејќи тоа е многу најмалку важно. Всушност, со вештачко доведување на одредени авторки и автори со мене, а јас сум наводно „тајкун“ (имало и многу полоши етикети), се прави манипулација, што е дел од долгогодишната кампања за дискредитација и поттикнување омраза против демократските и прогресивните сили во земјата“, пишува Џабир Дерала во „Медиумски тајкун“.
Подготви: Б. Јордановска