ВЕСТ НА ДЕНОТ
Застари уште едно кривично дело на Мијалков
Апелационен суд во понеделникот ја одложи седницата за „Титаник 2“ за 13 април, на која требаше да биде донесена пресуда за поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, а тој нема да биде осуден за учество во изборни нерегуларност на локалните избори во 2013 година, бидејќи кривичното дело застарува денеска.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Петровска, Столтенберг и Агелер со иста порака од Одбранбениот форум 2023: Заедно посилни, обединети околу исти вредности за гаранција на евроатлантската безбедност и стабилност
На денешниот прв Одбранбен форум, организиран од Министерството за одбрана воведно обраќање имаше министерката за одбрана Славјанка Петровска, амбасадорката на САД, Анџела Агелер, а преку видео-конференциска врска се обрати и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
„Ние сме составен дел од НАТО и од нас како и од сите останати земји членки зависи колку НАТО ќе одговори на својата задача да биде заштитник на заедничките цивилизациски вредности, слободата, правдата и демократијата“, истакна Петровска.
Американската амбасадорка Агелер на отворањето рече дека улогата на Алиајнсата во гарантирањето на евроатлантската безбедност никогаш не била поголема.
„Со речиси 200 трупи во мисии на НАТО, ЕУ и ООН вие ја демонстрирате вашата посветеност на нашите заеднички вредности и САД се горди да бидат заедно со вас во многу операции. НАТО секогаш бил сила за стабилност и безбедност која докажа својата способност за брз одговор на кризи“, рече амбасадорката Агелер посочувајќи на примерот со поддршката од сојузниците по разорните земјотреси во Турција.
Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг во своето видео обраќање пред присутните истакна дека Северна Македонија активно придонесува кон колективната безбедност.
„Денес, Северна Македонија има место на масата на НАТО, рамноправен глас во нашите дискусии и ја ужива целосната заштита на НАТО Алијансата. Неодамна, Северна Македонија се соочи со намерни и континуирани хибридни напади, вклучувајќи закани со бомби и сајбер напади. Но, вие не бевте сами. Експерти на НАТО отидоа во Скопје за да споделат информации и да обезбедат техничка поддршка. Ова е конкретен пример за придобивките од НАТО. Членството, исто така, помага да и се даде на Северна Македонија стабилност што е основа на економскиот раст и помага да се шири безбедноста во Западен Балкан“, рече Столтенберг во своето видео обраќање.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ОДБРАНА Во организација на Министерството за одбрана, денеска во Скопје почна првиот Одбранбен форум 2023. Ова е еден од поголемите одбранбени форуми кој ќе се одржи во земјата и се планира тој да стане традиционален. Целта на форумот е споделување искуства и добри практики во однос на темите на петте панел дискусии на тема: Геополитичките случувања врз новата безбедносна архитектура и регионалната безбедност, Превенција и одговор на кризи-идни предизвици на НАТО земјите членки, Местото и улогата на Армијата- иден развој и приоритети, улогата на цивилното општество во градењето на отпорност, Приватното обезбедување и одбранбено-безбедносниот систем- идни можности и соработка.
Најдоцна до понеделник ќе биде дефинирано и соопштено името на претставникот од Секретаријатот за европски прашања (СЕП) кој ќе биде вклучен во работната група за уставни измени, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
СЕП Најдоцна до понеделник ќе биде дефинирано и соопштено името на претставникот од Секретаријатот за европски прашања (СЕП) кој ќе биде вклучен во работната група за уставни измени, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
ПРАВДА Судењето за случајот „Тендери“, против поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска, е одложено за 20 април годинава.
МЕМОРАНДУМ Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерката за евроинтеграции на Србија, Тања Мишчевиќ денеска потпишаа Меморандум за соработка во областа на европската интеграција.
ЕКОНОМИЈА Трошоците на живот и цените на мало во март се намалени за 0,1 процент во споредба со февруари, објави денеска Државниот завод за статистика.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Пентагон го истражува протекувањето на доверливи документи на социјалните мрежи за плановите на САД и НАТО за планирана контраофанзива на украинската армија, пренесува Њу Јорк Тајмс повикувајќи се на претставници на администрацијата на Џо Бајден.
Висок руски безбедносен офицер кој пребегна минатата година даде редок увид во параноичниот начин на живот на Владимир Путин, потврдувајќи детали за тајната железничка мрежа, идентични канцеларии во различни градови, строг личен карантин и ескалација на безбедносни протоколи.
АЛ- ПРЕС
Во пресрет на локалните избори на северот на Косово, од кабинетот на косовската претседателја Османи порачуваат дека Српска листа и официјален Белград нема да имаат право на вето за да ги спречат изборите. Специјалниот суд во Хаг донесе одлука, Салих Мустафа да ги обештети жртвите на незаконски убиства, самоволни притвори и тортура со 207 илјади евра.
Ова се дел од темите од изборот на редакцијата на ЦИВИЛ Медиа од албанските медиуми во регионот.
АНАЛИЗИ
„Дали може да се изврши контраофанзивата и ако да каде, кога и со што? Тоа дури и самите Украинци можеби сè уште не го знаат додека ја проучуваат линијата на фронтот долга 1.000 километри за пронаоѓање на точките на руски ранливости, исто како што направија кога ненадејно ја започнаа изненадувачката септемвриска офанзива во североисточниот регион на Харкив.“, извадок од анализата „Украина се подготвува за контраофанзива, наградното прашање е: кога и каде?“.
„Обвиненијата против поранешните борци за слободата на Косово, поединците кои ја мобилизираа светлата страна и праведната свест на светот, се закануваат да го создадат најопасниот преседан на демократскиот свет: осудата на праведната борба за слобода на еден народ на кој му се закануваше истребување и протерување“, изјави политичкиот аналитичар Астрит Истрефи за ЦИВИЛ Медиа.
Д. Тахири