Натпреварот меѓу Шкупи и Левски беше киднапирање на спортот за политички цели. Сметам дека УЕФА, не знам од какви побуди не препорача да нема публика на натпреварот. Доволно за нив беше да каже дека тоа е натпревар од висок ризик. Тој настан беше сè само не спортски настан. Втората поента е дека малку непријатно изненадува однесувањето на дипломатскиот претставник на Бугарија, кој се разбира, оправдано го осуди насилството извршено врз еден од навивачите на Левски, меѓутоа мислам дека можеше да направи повеќе, да ги пречека своите сограѓани, на граница ако треба, или да упати јавен повик, да биде меѓу своите сограѓани, да ги смирува, да превенира опасна ситуација, можел да се обиде да влијае кај властите во својата земја да го канализираат оваа насилство“, изјави претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, на панел дискусијата на ЦИВИЛ на тема „Неславен ден за спортот: Насилство и говор на омраза во Скопје“, откако се случи насилство на улиците на Скопје, поврзани со натпреварот меѓу домашниот фудбалски клуб „Шкупи“ и бугарскиот „Левски“ во Скопје.
„Јавноста посведочи на екстремен говор на омраза на социјалните мрежи, и насилство на трибините и на скопските улици кои ги донесоа навивачите на фудбалскиот клуб „Левски“ од Бугарија. Тие ја нападнаа и полицијата, а не ги поштедија ни случајните минувачи во Чаир, далеку од фудбалскиот стадион. За осуда е и говорот на омраза и насилството со кое одговорија и навивачите на македонскиот фудбалски тим „Шкупи“. Тоа што се случи на спортските трибини, улиците и на социјалните мрежи, претставува своевидно киднапирање на спортот за потреби на екстремниот национализам“, истакна Дерала.
Тој додаде дека се работи за крајно неприфатлива манипулација и злоупотреба на спортските настани за политички цели, потсетувајќи на соопштението и рекацијата на ЦИВИЛ.