Јас имам мешано етничко потекло. Меѓу моите предци има Албанци, Турци, Хрвати. Подлабоко во минатото, моите предци влечат корени – од Блискиот Исток до Италија. Еден мој пријател, писател од Белгија, пишувајќи за мене, тоа го нарече Salad Macédoine во една своја книга за Балканите.
МЕШАНИТЕ ЗАЕДНИЦИ ИМААТ ПОВЕЌЕ МОЖНОСТИ ЗА УСПЕХ
Цел живот сум опкружен со луѓе од најразлично потекло. Говорат на различни јазици, одат во различни храмови, некои се атеисти, некои се верници, имаат различни обичаи, слушаат различна музика…
Го прошетав светот каде што луѓето од најразлични култури, етнички заедници и раси живеат и работат заедно. И тие свои разлики ги користат за да бидат подобри и поуспешни во работата и животот. За секој од нив, има повеќе можности кога живеат и работат во средини каде што има луѓе кои доаѓаат од различни култури и раси и кои говорат на различни јазици.
ДА ПОМОГНЕМЕ ВО МАКАТА, ДА СЕ ПРИДРУЖИМЕ НА СРЕЌАТА
Мојот живот е исполнет со убавините на мешањето меѓу луѓето со најразлични потекла. И цел живот учам нешто ново, секој ден. Учам како да се ставам во чевлите на другиот, со поинакво потекло, со поинаква култура, навики и обичаи.
Учам како да ја разберам маката на другиот, за да помогнам, учам како да ја разберам и среќата на другиот, за да се придружам кон таа среќа.
Тоа се луѓе кои имаат различни обичаи и култури, говорат различно, доаѓаат од различни места низ историјата, за да се спојат во една убава и богат заедница. Во таа заедница секој од секого може да научи, да добие и да даде по нешто.
ЧОВЕК ШТО УЧИ ЗА ДРУГИТЕ Е СЛОБОДЕН ЧОВЕК
Човек што знае, дознава и учи за другите луѓе, заедници и култури е слободен човек. Таков човек има повеќе можности да ги надмине предизвиците, да постигне успех, да се задржи на висините на човечноста.
Ги гледам разликите како богатство, како шанса да бидам подобар човек.
Низ лични примери и животни искуства, научив дека не постојат граници и разлики меѓу луѓето, туку само можности за збогатување.
Секој од нас, длабоко во себе, носи една голема и топла човечка насмевка и радост на постоењето. Топлината и човечноста е иста кај сите. Само треба да ја откриеме.
ЅИДОВИТЕ СЕ ВРАТИ КОН НЕПОЗНАТОТО
За мене ѕидовите се врати кон непознатото. Ако незнаењето е ѕид, тогаш знаењето е порта кон убавината. Убавината на постоењето, убавината на тоа да се биде човек.
Разликите меѓу луѓето се како брегови на континенти чии убавини сè уште не сме ги откриле. Затоа, треба да запловиме и да ги откриваме тие нови континенти. Секој човек е нов, убав континент, кој може да го запознаеме, во кој можеме да живееме, да се населиме и тој да се насели во нас.
ПОДОБАР СВЕТ ЗА ИДНИТЕ ГЕНЕРАЦИИ
Со секој чекор што го минуваме едни кон други, градиме еден нов свет, посреќен и поубав за сите.
Со почитувањето на различностите кај луѓето и заедниците, секој ден го правиме овој свет подобар и поубав за идните генерации.
Секој ден имаме шанса да направиме нешто добро. Секој ден имаме шанса да промениме нешто во светот.
Направи разлика. Почитувај ги различностите.
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети
фотографија: Горан Наумовски