Претседателот на Државната изборна комисија Оливер Деркоски, на конференцијата „Изборни реформи: Желбите наспроти реалноста“ потенцираше дека е потребен нов Изборен законик, а не измени во 5 до 12 пред секој изборен процес како што се правеше во изминатиот период.
Деркоски меѓу другото упати апел да се најде поинакво решени за платеното политичко рекламирање и улогата на ДИК во нивно исплаќање. Исто така, предупреди на истекот на мандатот на членовите на ДИК и на изборната администрација во јануари, што ја става пред тешка задача државата во формирање на нов состав на ДИК, брзо и ефикасно, за да може навреме да се подготви организацијата на локалните избори во 2021 година.
„Сакам да потенцирам дека и покрај здравствената криза и сите предупредувања што постоеја за предвремените парламентарни избори, сепак тие не претставуваа кластер за ширење на пандемијата. Се покажа дека сме ги презеле сите превентивни мерки кога ќе дојдат гласачите на гласачките места да бидат заштитени во најдобра можна мерка.
Измените во Изборниот законик што се направија во релативно краток период пред изборите, морам да кажам дека не треба да се прават така. Ние тоа го потенцираме постојано затоа што не тие не придонесуваат многу околу организацијата на менталитетот на граѓаните. Ние треба да се фокусираме да донесеме вистинско законско решение навреме. Сега во овој период би требало да почнеме и за наредните локални избори да имаме законско решение кое ќе ги затвори сите гапови кои се јавуваат во самиот Изборен законик. А честите промени што се правеа во изминатиот период често доведуваа во самиот законик да имате колизија на норми кои што се составен дел на истиот закон и на некој начин претставуваат проблем во функционирањето и организацијата. Јас би апелирал да се престане со праксата на промена на Изборниот законик и изборното законодавство во 5 до 12. Треба да се направи едно добро законско решение што ќе ги предвиди сите овие ситуации за да може на изборните органи да им сее даде шанса вистински да го организираат процесот, а со тоа и да се дигне довербата на граѓаните кон институциите“, истакна Деркоски.
„Се прават напори да се формира работна група за да се почне со разговори за нов Изборен законик што ќе се донесе во наредните неколку месеци се со цел во наредните месеци да биде готов и оперативен. Се надевам овој пат дека сите ќе ја сфатат сериозно работата и дека ќе се дојде до заедничко решение. На крајот дали изборниот модел ќе биде ваков или таков тоа е одлуката на политичките стејхолдери, меѓутоа од аспект на организација на избори и нас како ДИК тоа не интересира и тука ќе имаме активно учество во носењето на тоа решение“, потенцираше Деркоски.
Со медиумското рекламирање ДИК најмногу проблем има во нивното мониторирање и еднаквоста на медиумскиот простор за сите учесници во изборните циклуси.
„Што се однесува до медиумското рекламирање она што во 2019 година се донесе во 5 до 12 и се наметна како обврска на ДИК без да се размисли како тоа ќе се спроведе и на кој начин ќе се мониторира, се префрли обврската од Министерство за финансии за плаќање на медиумската кампања на ДИК, којашто реално ниту има капацитет да го мониторира тој процес ниту пак има методологија во одреден дел за мониторинг, особено на електронските портали. Едноставно врши трансфер на средства, односно поклонува верба врз база на склучени договори и доставена документација од политичките партии и медиумите. Делот што се однесува на порталите одговорно можам да кажам дека таму постои секаква можност, затоа што законот е толку непрецизен, одредбите се толку непрецизни што даваат на секому можност да учествува во поделбата на колачот. Сметам дека треба да се размисли дали да се продолжи со ваквото законско решение од буџетски средства да се покрива медиумската кампања. Треба да се размислува и за еднаквоста на просторот, затоа што сега имаме класична нееднаквост. Големите политички партии имаат 90% од медиумскиот простор, а помалите имаат по 10%, што јасно е дека во самиот старт на трката вие влегувате обесправени.
Решенијата како електронско гласање и слично е далеку од остварување затоа што ние во Македонија сѐ уште се бориме како да го идентификуваме гласачот. Имаме проблем со вистинска автентичност и идентификација на гласачот. Сѐ уште имаме гласачки места каде што еден гласа за 5, за 10 или некој за друг гласа. Не можеме да останеме имуни и да се правиме дека не го гледаме тоа и дека го нема тоа. Ние треба првин да најдеме начин како тој проблем да го надминеме, па потоа да одиме со примена на новите технолошки средства“, вели Деркоски.
Почетокот на 2021 година Државната изборна комисија останува без сегашниот состав на кој му истекува мандатот. Деркоски предупредува дека мора брзо да се работи на составување нов состав на ДИК, едукација на изборната администрација и да не се остане пасивен во овој процес. Во спротивно како што вели Деркоски, ќе се соочиме со непредвидени предизвици првентствено за локалните избори.
„Од јануари државата нема повеќе Државна изборна комисија, останува без мандат, нема Општински изборни комисии, нема избирачки одбори, на сите им поминува мандатот. Значи, кој ќе прави локални избори наредната година, треба да се одлучи брзо во Парламентот, да се направи интервенција кога ќе се врши едукација на избирачките одбори, затоа што начинот на кој што сега се бираат, со ждрепка, па вклучување дел од политички партии и така натаму изискува време за нивна едукација. Можеби ждрепката ќе покаже дека 70% од луѓето ќе бидат нови и тие треба да се запознаат со процесот. Ние направивме и програма за едукација и време кога треба тие да се едуцираат, меѓутоа сето тоа треба да се претвори во законска основа за да можеме навремено да реагираме. Можеме да се соочиме со предизвици предизвикани со нашето пасивно однесување, комплетно на општеството, заради тоа што никој нема да реагира дека следат одредени процеси што треба да се одвиваат понатаму“, вели Деркоски.
Б. Ј.
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети