Почитуван г. Камчев,
Информацијата за вашето кумство со г. Ковачки не е нова (на пример, објавена е ТУКА:, а потоа и повторена на разни други места), но вие до сега не сте ја демантирале. Добро, не мора човек сè и сегде да демантира што ќе се напише за него – побогу, бевме принудени од некаква „Ла Верита“ да ви ги дознаеме деталите за маките што сте ги преживеале! – и јас прифаќам дека, кога сега сте почувствувале за потребно да демантирате, вашето кумство со г. Ковачки не постои. Но, таа (дез)информација не сум ја измислил јас, за намерно да ви наштетам.
Напротив, г. Ковачки е еден од најбогатите луѓе во Бугарија, вие – и самиот Бугарин – во Македонија, па не ми било нелогично да не се познавате (а и да не бидете кумови, додека сега не демантиравте). Моите извори и овде и во Бугарија сè уште (со смеење) ми тврдат дека со г. Ковачки се познавате и дека сте имале добра деловна соработка. Нејсе, можеби зборот „познавање“ различно го толкуваме.
Сепак, и ако е дезинформација вашето познанство со г. Ковачки, убаво што демантирате, но зошто таквото познанство би ви наштетиле на вашата чест и углед?
Второто нешто што го демантирате се бодигардите од Бугарија. Велите: „Информацијата за тоа дека обезбедувањето на г-динот Камчев е засилено со обезбедување од Р. Бугарија беше изнесена и протече само во македонските медиуми“… Не знам што подразбирате под „изнесена и протече“, но во Софија (значи, не „само во македонските медиуми“) тие информации се појавуваат, на пример, ОВДЕ како и ОВДЕ. Треба ли јас да ве потсетувам на низата текстови (и фотографии) кои се објавија во Македонија на таа тема, промовирани, пред сè, од колегата Геровски кој ја објави аферата „Рекет“ во многу ексклузивни детали, меѓу другото и со тврдењето дека: „Со посредство на една пријателска земја, за извршениот рекет се обезбедени многу цврсти, практично несоборливи докази. Нема бегање од тие докази! Од таа пријателска земја за сведокот-жртва е испратено и специјално лично обезбедување. За секој случај.“ (ЛИНК ДО ТЕКСТОТ)
Тоа е тој случај, господине „сведок-жртва“. Бидејќи официјална Бугарија демантираше вмешаност во вашата заштита, а вие и самите на Боки 13 на телефон му велите дека „пријателите од Бугарија“ се обиделе да ве заштитат, тогаш јас, логично, си помислив дека бугарското обезбедување не ви било „државно“, туку „приватно“. Е, добро, ако и тоа сега го демантирате, па кажете ни кој ве чувал од Бугарија?
Впрочем, мене затоа и ми делуваше логично што целиот скандал за „Рекет“ и истрагата за тоа ја водеше македонската Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), а не надлежните криминалистички сектори за обичен и организиран криминал во МВР, бидејќи зошто УБК би се занимавала со вашите домашни „рекетарски маки“ од организирана група на ваши пријатели (многу меѓусебни кикотења, взаемна почит и доверба има во снимките што сте ги доставиле како докази), ако – по закон – во неа нема важни странски елементи и безбедносни и контраразузнавачки загрози?
Не знам за вашите адвокати кои ви го пишувале демантот, ама сигурен сум дека вие разбирате оти во еден-двата текстови што неодамна ги напишав за „Рекет“ многу се воздржувам да не пишувам уште многу други работи кои се врзани за случајот – на пример, за вклученоста и на структури од уште една соседна земја која никако не сака да остане покуса кога треба на Македонија да ѝ се расипе раатот – и за вашите, имено, чест и углед како комплексна бизнис и политичка фигура во македонските правни, деловни и политички собитија, токму за да оставиме сега судот да си ја заврши работата.
Ве поздравувам и ве уверувам дека никако не сум имал намера да ве навредам или наклеветам, само ја имам таа проклета новинарска скепса да не верувам во сè што се чини како однапред завршена и идеално „спакувана“ правосудна приказна.
Со почит,
Сашо Орданоски, новинар
ДЕМАНТОТ ОД КАМЧЕВ:
Демант на Камчев за колумната на Орданоски ,,Општата смрдеа од согорувањето ѓубре”