И на овие локални избори околу 76 проценти беа непристапни гласачките места и голем број од гласачите со попреченост не можеа да гласаат токму од тие причини. Непристапност на гласачките места за лицата со телесна попреченост и за лицата кои имаат слаб вид или се слепи, така што ништо не е сменето од минатите избори иако беше посочено со какви проблеми се соочуваат лицата со попреченост, вели Благица Димитровска од ИНКЛУЗИВА за ЦИВИЛ.
„Имавме 68 пријави од различни градови дека граничникот за потпис и сликовниците прикази ги нема на гласачките места. Ние се јавивме до Општинските изборни комисии и од таму ни рекоа дека воопшто не пристигнале од магацините на ДИК. Сликовниците прикази лично ги однесовме до магацините, поделени по градови, за сите 3.480 гласачки места имаше доставено материјал. Само во 4 града се идентификувани овие материјали кои беа поставени на избирачките места. Прашањето е ако биле во магацините на ДИК тогаш како во четири општини беа поставени овие материјали?
Меѓутоа, денеска ќе бидат доставени материјалите во магацините на Државната изборна комисија за да бидат достапни за вториот круг на гласање.
Имавме пријава од Охрид од лице кое има оштетување на десната рака, на кој не му беше дозволено да се идентификува со левата рака. Лицето се мачело да се идентификува со десната рака иако тоа не смееле да му го прават, бидејќи во правилникот и упатството што е донесено за терминалот за идентификување јасно пишува дека лице кое нема десна рака или има оштетување да биде идентификувано со лева рака“, истакна Димитровска.
Таа додаде дека и во вториот круг ќе ги следат изборите и бидат на располагање да примаат пријави од граѓани и од нивните поранешни набљудувачи кои ќе одат на гласање. Инаку, оваа година ИНКЛУЗИВА нема официјални набљудувачи.
Текст и монтажа: Дехран Муратов