Јавна дебата на тема „Ризикот од корупција при издавање на одобренија, решенија, лиценци и дозволи во областа на транспортот и спроведување на надзор“, денеска се одржува преку електронската платформа Зум, во организација на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Според министерот за транспорт и врски Благој Бочварки, постои огромна збунетост на граѓаните, на јавноста и на стручната јавност за тоа кои институции какви надлежности преземаат и имаат во делот на транспортот.
Еден од првите приоритети, оцени тој, е да се постави борбата со корупцијата на прво место или нулта корупција во однос на сите аспекти од општественото живеење во делот на сите дејности и така ќе продолжиме да работиме во идниот период.
– Кога зборувам за корупција, сакам да споменам дека таа е една од главните причини за создавање недоверба во институциите од страна на граѓаните, но овој период морам да потенцирам дека оваа Влада покажа и решителност и дејство во насока на борбата против корупцијата и направивме сериозни чекори и исчекори во државата, истакна Бочварски. Смета дека се потребни синхронизирани мерки и механизми кои би придонеле за поставување на функционален систем со јасни надлежности, како и тесна соработка помеѓу институции, секако и НВО и сите коишто се засегнати во овие процеси.
Од аспект на секторот транспорт, Бочварски објасни дека како делегирана надлежност на Министерството за транспорт и врски е издавањето дозволи за транспорт на стока, како и дозволи за превоз на патници во меѓународниот и внатрешниот сообраќај. И овде, подвлече тој, се поставува прашањето на влијанието на човечкиот фактор во постапките за издавањето на овој тип на дозволи.
– Превозот на стоки се врши со поединечни меѓународни транспортни дозволи и дозволи издадени преку ЕКМТ системот. Дозволите се издаваат преку посебна софтверска апликација. Софтверската апликација овозможува на еден единствен начин транспортерите и компаниите да доставуваат барање по електронски пат. Системот е така креиран во процесот на дистрибуција на барањата автоматски да ги бодира согласно утврдените критериуми по закон. И на овој начин значително се зголемува довербата во системот, се минимизира влијанието на човечкиот фактор. Оваа софтверска апликација овозможи да се изготви база на податоци за сите компании кои вршат транспорт на стоки. Претходно процесот на аплицирање и дистрибуција на дозволите кога не постоеше софтверот целокупната документација била доставувана во хартиена форма каде целата постапка ја спроведувала комисија за распределба на дозволите. Таквиот начин на распределба создавала голем сомнеж за правична распределба на дозволите и предизвикувала голем револт кај превозниците. Но, сега имаме целосно функционален систем со кој согласно обезбедените дозволи се врши правична распределба, појаснуваше министерот Бочварски.
Според него, секогаш има и задоволни и незадоволни страни во сите овие процеси, но верувајте, потенцира, според нашите можности како држава се обидуваме да обезбедиме што е можно повеќе дозволи од трети земји за да овозможиме поголем развој на транспортната дејност.
– Во моментов имаме закон во Собрание којшто е во процедура преку МНР каде што РСМ аплицира да влезе во Црноморската заедница во дел на транспортот со цел добивање на дополнителни дозволи за да можат нашите транспортери дополнително да ја развиваат оваа транспортна дејност, информира тој.
Во однос на издавањето на лиценците и изводите од лиценци за вршење на превоз во патниот сообраќај, во Законот за превоз на патниот сообраќај детално се разработуваат условите кои треба да ги исполнува секој превозник од РСМ за да може да аплицира за добивање на соодветна лиценца. Во овој случај, рече Бочварски, немаме електронски систем, туку целата постапка се одвива непосредно во патниот сектор при Министерството за транспорт и врски. Овластените службени лица во Министерството ја водат постапката за издавање лиценци и доказите за исполнување на наведените услови се прибавуваат од страна на превозникот којшто аплицира да врши одредена дејност.
– Во овој случај имаме трипартитна контрола низ целата постапката бидејќи валидноста на документите и доказите ја проверува непосредниот раководител, понатаму помошникот раководител на сектор и на крај раководителот на Секторот за патен сообраќај и инфраструктура. Согласно член 11 во Законот за превоз во патниот сообраќај превозникот може да започне да врши превоз на стоки и патници откако ќе добие лиценца за правното лице и извод од лиценца за секое моторно возило кое го поседува. Влијанието на човечкиот фактор во овој случај не можеме да го анулираме преку системот на контрола од надредените значително можеме да го намалиме секој аспект на било какво негативно влијание, говореше министерот за транспорт и врски.
Наведе дека се отворени за соработка, за предлози за тоа како да се подобрат постапките во овој дел.
– Спречувањето на корупцијата останува наш примарен фокус и затоа покажуваме силна политичка волја и понатаму во соработка со институциите на централно ниво и на локално ниво да продолжиме со постапување во насока на поголема отвореност и транспарентност. Секако ова е процес и во текот на наредната година да промениме голем број закони во коишто ќе се докомплетира целосно дигитализацијата на секторите и Министерството во Владата, така што и Министерството за транспорт и врски е подготвено во текот на наредната година под палката на вицепремиерот Николовски којшто води постапка за целосна дигитализација на сите ресори со цел намалување на допирот, на контактите на граѓаните со институциите да може да се дигитализира целиот сектор. Така што и во нашето Министерство продолжуваме во насока на измена на овие законски процедури и креирање на софтверски решенија коишто ќе дадат поголема транспарентност и отвореност на нашите институции, информира Бочварски.
Најголемиот ризик за корупција кога станува збор за институциите, вклучително и МВР, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, и натаму се манифестираат преку злоупотреба на службена положба и овластување при издавање на документи, дозволи, лиценци и решенија, а формите главно се со прифаќање на подароци и услуги, поткуп, оддавање на класифицирани информации, уништување докази и слично.
– Ефикасна борба против корупцијата и тоа како е возможна, меѓутоа покрај силниот внатре-институционален ангажман, неопходно е постоење и соработка меѓу сите ресорни министерства, државни органи и институции за борба против корупцијата и криминалот, воопшто. Соработката треба да служи како базична основа и водечка сила на институциите во борба против корупцијата. Во таа насока посебно би сакал да ја споменам усвоената Стратегија за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот за периодот 2021 – 2023 година, со Акциски план, која е, исто така, дел од мерките од Планот за борба против корупција. Нејзината имплементација ќе придонесе кривичните истраги да резултираат со конфискација на имот и имотна корист, со што ќе се зајакне ефикасноста во борбата против организираниот криминал и корупцијата, рече Спасовски.
Додаде дека неопходно е постоење на функционална поврзаност и формирање заедничка база на податоци до кои ќе имаат пристап сите субјекти задолжени за борба против корупцијата, со цел размена на информации заради обезбедување одржлив систем на заеднички приод во реализирањето на сопствените обврски на институциите за неселективната борба против корупцијата.
Ставот на министерот Спасовски, е дека без оглед на тоа колку и како се декларира институционалната решеност за спречување на корупцијата, таа во практика не би отишла многу подалеку од политики, стратегии и акциски планови доколку граѓаните и општеството во целина на увидат дека борбата против корупцијата има ист интензитет и по однос на оние што ја креираат и по однос на оние кои законот ги назначил да ја спречуваат.
– Пристапот кон корупцијата мора да биде подеднакво бескомпромисен секаде и кон секого, и во тој смисол, не треба да постојат никакви резерви, нагласи тој.
Додаде дека корупцијата, независно за кое нејзино ниво станува збор, има само еден исход, а тоа е деструктуирање на сите правно-контролни механизми на еден систем и трансформирање на општествената средина во темен лавиринт на девастирано општество и општа апатија.
Според Спасовски, за тоа дали сме направиле доволно за успешна борба против корупцијата во изминативе неколку години, би имал, условно речено два дела.
Од аспект на МВР, Спасовски илустрираше дел од податоците кои одат во прилог на справувањето со корупцијата, имајќи ги предвид законските надлежности и обврски како внатре во самата институција, така и надвор кон граѓаните како нивен сервис.
– Само во текот на минатата 2020 година од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, по основ на претставки од граѓани и правни лица за пречекорувања на службени овластувања и злоупотреби на службена положба, против 29 лица вработени во МВР беа поднесени 19 кривични пријави за сторени 21 кривично дело, од кои еден дел се токму за „злоупотреба на службената положба и овластување“. Се разбира и од аспект на полициските истраги од областа на корупцијата надвор од институцијата беа откриени 97 кривични дела, за што кривично беа пријавени 161 сторител, за причинета материјална штета од околу 100,2 милиони денари, информира министерот Спасовски.
За периодот во првите десет месеци се откриени и расчистени 114 кривични дела поврзани со корупција и коруптивни злоупотреби. Тоа е, подвлече Спасовски, над 50 отсто зголемување на откривачката функција на полицијата, споредбено со истиот период лани. Притоа, како што рече, причинитетата материјална штета изнесува 97,3 милиони денари.
Помеѓу кривичните дела од областа на корупцијата и понатаму најдоминантни се кривичните дела „злоупотреба на службената положба“ со коруптивни елементи. Полицијата открила 77 такви дела во првите 10 месеци од оваа година, односно зголемен е бројот на реализации за 54 проценти во однос на истиот период лани. За делата кривично се пријавени 147 сторители, а со нивното извршување предизвикана е материјална штета над 63,6 милиони денари.
За поголема ефикасност во извршувањето на инспекциските надзори, потенцира директорот на Државниот инспекторат за транспорт Руфат Хусеини, потребно е зајакнување на капацитетите на инцеспекциските служби, особено на Државниот инспекторат за транспорт. Тој посочи дека надлежните раководители за нив немаат можност и пристап да ги контролираат инспекторите за време на извршувањето на инспекциските надзори.
– Најголем проблем имаме со патничкиот превоз. Најчесто во меѓународниот превоз има проблеми и треба најмногу да се внимава и повеќе да се врат надзори и во Министерството да се види како се издаваат дозволите, кои се издаваат и на тој начин да се намали бројот на прекршоци што се прават од стрнана на превозниците, појасни директорот Хусаеини.
Друг проблем, според него, материјалните закони по кои сега работат, како што рече, не се усогласени со Законот за прекршоци и со Законот за инспекциски надзор, со што се остава простор, рече Хусеини, кај инспекторите и кај другите да се појави можност за корупција.
Информира дека Државиот инспекторат за транспорт во првото полугодие во 2020 година има извршено вкупно две илјади надзори, 1.500 редовни, 300 вонредни надзори и 213 контролни. Од сите надзори, откриени се 716 неправилности.
– Ефикансоста на инспекторатот и на другите инспекциски служби зависи од одлуките на судовите, кога и за колкав временски период ќе се решаваат овие проблеми, рече тој. Додаде дека од сите инспекциски надзори има 30 проценти, како што рече, неправилности. Проблем е, истакна понатаму, создавање база интегрална на податоци, каде инспекторот ќе има пристап на терен и ќе може да знае дали компанијата во која врши надзор ги има потребните документи.
Во дискусијата, директорката на Царинската управа Славица Кутиров, истакна дека во делот на издавање дозволи и лиценци за транспорт постапува согласно неколку членови на Законот за патен промет, посебно во спроведувањето на надзорот на граничните премини.
– Граничните премини се зона каде постапките мора да се одвиваат брзо и има јасни процедури за тоа кои се конкретните надлежности на царинските лсужбеници. Во таа насока, сакам да споменам дека царинската упарава на неколку начини ги контролира ризиците во спроведувањето на тие постапки, при што има две посебни организациони единици. Внатрешна ревизија и Сектор за професионална одговорност, кои работат врз база на внатршениот контролен систем на Царинската управа, во кој се дефинирани сите процеси со посебен аспект на ризичните провцеси што се спроведуваат во рамки на делување, појаснуваше таа.
Паралелно се работи, рече таа, со управување со ризиците со корупција и нагласи дека граничните премини како локациии, се идентификувани како ризични точки, од аспект на тоа што, како што рече, се на средина на својот пат и секое застанување или враќање назад кон почетните дестинации чини многу финансии, време, нерви, а некогаш и други типови проблеми. Кутиров информира дека има обезбедно и 24 видео надзор, а максимално се поставени електронски системи за евиденција. Во 2020 година се спроведени 84 внатрешни истраги и 48 внатрешни контроли, информира, а во 2021 година се спроведени 128 внатрешни истраги и 60 внатрешни контроли.
Меѓу другото потсети дека Царинската управа има изработено и Стратегија за борба против корупцијата, а од оваа година и конкретен Акционен план. – Поврзувањето, дигатилизацијата, во рамки на институцијата, а потоа и споделувањето на информациите помеѓу институциите станува неопходност з акоја мора мора брзо и сериозно да се посветиме во наредниот период, рече директорката на Царинската управа.
Ресул Шемо од Инспекцискиот совет од областа на градежништвото, урбанизмот, комуналните работи и транспортот изразио жалење за тоа што под нивна надлежност не се инспекторите во локалните самоуправи, особено, како што потенцира, за градежните инспектори на локално ниво, од каде добиваат доста претставки од страна на граѓаните за дивоградби од втора категорија. Ние не сме надлежни за тие дивоградби, појасни, и ги препраќаме назад во општините.
– Стремежот за највисоките етички вредности и интегритет во едно општество, секогаш треба да резултира со еднаков пристап до одговрни и транспрантни институции и почитување на основните човекови слободи и права. За таа цел потребно е да се воспостави оправдана и одржлива доверба на институциите, преку ефикасно користење на јавните ресурси и јакнење на инститицуоналниот капацитет и интегритет. Сепак, од друга страна сме сведоци на постоење бројни ризици од корупција со посебен акцент на постоење широки дискрециони овластувања, особено во областа на издавање на одобренија, решенија, лиценци и дозволи, трошење на јавните пари и злоупотреба на службените позиции во јавниот сектор, наведуваат од ДКСК.
Посочуваат дека ризиците од корупција во оваа област, меѓу другото се детектирани и во Националната стратегија за борба против корупцијата и судирот на интереси 2021-2025, која го иницираше процесот и побара истите да бидат отстранети.
ДКСК цени дека процесот на издавање на одобренија, решенија, лиценци и дозволи, особено во областа на транспортот, како допирна точка на јавниот и приватниот сектор е подложен и ранлив од корупција, како на централно, така и на локално ниво, а истиот често пати е од животно значење.