Делегација на Европскиот парламент соопшти дека три години водела тајни разговори со Северна Кореја, со цел да ги убеди да седнат на преговарачка маса и да стават крај на својата нуклеарна програма.
Делегацијата, предводена од британскиот европратеник Нирџ Дева, се сретнала со високи претставници на Северна Кореја 14 пати, а во блиска иднина планираат и средба во Брисел, јави британскиот весник „Дејли Телеграф“.
Дива изјави дека тој и неговите колеги се залагале за дијалог без предуслови.
– Доста работев во тишина со своите колеги. Дури сега ги откривам нашите напори на пошироката публика во пресрет на предложените преговори, рече Дева, мислејќи на најавата за можна средба на претседателот на САД, Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.
Делегацијата на ЕП се сретнала и со претставници на САД, Кина, Јапонија и Јужна Кореја, со цел дијалог со кој би се постигнала денуклеаризација на Корејскиот полуостров.
– Се сретнавме со високи претставници на Северна Кореја 14 пати. Ние ги разбравме нивните грижи и тие разбраа нашите, рече Дева.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.