Стотина граѓан(к)и истурија црна земја пред Основното јавно обвинителство во Скопје во знак на протест, бидејќи судската одлука за смртта на малиот Алмир е преименувана во „сообраќајна незгода“.
Тие носеа транспаренти: „Обвинителите го убиваат Алмир по вторпат“, „Нема правда нема мир“, „Правда за Алмир“, „Дали треба да сум Ивона за да избегам од одговорноста“…
Организаторите на протестот велат дека, за жал, има пристрасно, непрофесионално и неправедно судство.
„Наместо да сме сведоци на окончување на случајот „Алмир“ со заслужена казна за сторилетот на делото: УБИСТВО СО УМИСЛА, ние сме сведоци на огласи за продавање на ОРУЖЈЕТО со кое беше усмртен четиригодишниот Алмир. Случајот Алмир е класичен пример како НЕ СМЕЕ да постапува еден судски систем и една држава која во својот Устав го гарантира правото на живот. Пропустите направени во истражната постапка, се иницијалната каписла во оваа судска голгота на семејството Алиу и на правдата во Македонија“, велат организаторите.