Дневниот весник „Дневник“ годинава ја доведува во прашање традицијата на доделување на наградата за најдобар дописник – „Менде Петковски“ која се доделуваше 11 години по ред. За ваквата одлука, сопругата на починатиот новинар, Светлана Петковска дознала, откако не бил распишан конкурсот во декември минатата година. Неофицијално, причината е – штедење…Сопругата на новинарот Менде Петковски, чие име го носеше наградата, разочарана, вчера на својот фејсбук профил напиша дека доколку „Дневник“ не продолжи со доделувањето на наградата, таа самата ќе го стори тоа.
„Денес разбрав дека оваа година ‘Дневник’ ја прекинува традицијата, заради финансиски проблеми, и нема да ја доделува повеќе. Си велам, да ја продолжам јас традицијата, а, што велиш? Можеби немам 500 евра за награда (толку изнесуваше), ама ќе направам убава плакета и да ја доделам. Што ме учиш? Колегите со кои контактирав ме поддржуваат во намерата. Битолчани, исто така“, стои во објавата на Петковска.
ЦИВИЛ Медиа го контактираше помошникот на главиот и одговорен уредник на „Дневник“, Бранко Ѓорѓевски, кој немаше коментар за ситуацијата околу наградата.
Поранешниот уредник на Петковски, новинарот Бранко Героски, на својот Фејсбук профил предложи доделувањето на наградата „Менде Петковски“ да го преземе Здружението на новинари на Македонија.
Во разговорот за ЦИВИЛ Медиа, Петковска рече дека освен поддршката на социјалните мрежи, никој досега не се понудил да ја продолжи традицијата. „Не ни очекувам некој да се јави. Едноставно, сакам да се продолжи традицијата во име на новинарската заедница во Македонија“ изјави таа.
Маја Ивановска