Categories

РАФАЛ Додека глумиме демократија

За фашистичката пропаганда, прикриениот и отворениот говор на омразата и промоцијата на исклучивоста во етнички и верски мотивираните политички агенди не се зборува, затоа што мораме да бидеме фини и “избалансирани”. Се правиме фини и се држиме до професионалните стандарди, а немаме никаква основа врз која таа финоќа и стандарди би ги граделе. Крпиме дупки во живиот песок на правниот и политичкиот неред кој зад себе го оставаат центрите на моќта. И сите заедно глумиме парламентарна демократија, демократски и изборни процеси, реформи… А што имаме од тоа?

Џабир Дерала

Политичари без морал, без срам, без почит за демократијата. Организирани групи, регистрирани како политички партии што максимално ги користат сите дупки во законите што сами ги издупчиле. А кога и тоа не им е доволно, ги кршат сите законски одредби што ги ограничуваат. До следната прилика, кога и тие пречки ќе ги отстранат во тоа што тие го нарекуваат политички дијалог.

Сѐ беше јасно и порано, но стана сосема очигледно за време на Референдумот 2018. Кога човек мислеше дека не може да биде повалкано, тоа стана уште повалкано. Политичката борба стана уште повалкана од кога и да е, со многу повеќе елементи отколку порано, со различен пристап кон тоа што претставува политичкото дејствување на политичките, јавните, правните и приватните ентитети вклучени во политичките текови.

Со многу лажни вести, со ефикасна злоупотреба на медиумите и социјалните мрежи, со инвестирање во злокобните димензии на сите достигнувања во модерните технологии и комуникации, криминогените центри на моќта, поддржани од филијалите на руската пропагандна машинерија, го наметнаа темпото уште во првиот час по нивниот пад. Еден од триковите беше и остана грубо крадење на туѓите мисли и постигнувања, присвојување на тешко стекнатите придобивки од ненасилната борба за човекови права, за правда и демократија. Една од најголемите жртви, како што гледаме, е токму СЈО.

Бавен, збунет, одвоен од личните заложби и проекти на еден човек, носечкиот дел од власта не направи многу за да го ограничи просторот за дејствување на тоа и такво криминално дејствување. Напротив, се наталожија факти и докази за продолжување на мрачните практики на криминалниот режим на Груевски. Корупцијата и партизацијата само ја сменија бојата, велат многумина и изгледа дека се во право, макар на прв поглед. Со други зборови, борбата против валканите навики на претходниот режим, не го дава толку долго очекуваниот резултат, без оглед на тоа дали разочараните се целосно или само делумно во право.

А можеше ли да се очекува повеќе? Власта е составена од голем број колаборационисти со криминалниот режим, почнувајќи од најголемиот, децениски партнер во власта, завршувајќи со најситните шрафчиња во таа машинерија, кои само се поднаместија, уште поудобно, во новите фотелји на старите позиции. Секако дека се очекува многу повеќе. И можеше да се направи повеќе, само ако имаше повеќе чесност и посветеност.

И сега, сето тоа (и многу повеќе од тоа) ни се удира од глава повторно. Постојано сме во некоја трка со процесите за кои не се подготвиле ни основни, дури ни минимални услови за демократија и владеење на правото. Одиме на избори со Изборен законик што може секако да се толкува, искривува и заобиколува, фрламе половина милион евра за гласање на 1.700 луѓе од дијаспората (ако воопшто гласаат сите), имаме Избирачки список што ќе биде изговор за повреда на гласачкото право, следиме прескапа кампања (10 милиони евра) што е многу нешта, но најчесто е најмалку претседателска. И најлошо од сѐ, во обидот да изгледаме убаво, онака напудрени и нацрвени со еден прст евтина шминка, не реагираме на фашизмот што блика од дејствувањето на структури што се повеќе од очигледно криминални.

Но, тоа не е најголемиот проблем, иако сам по себе предизвикува погубни последици. Тоа се системот, јавноста, медиумите и невладиниот сектор што не направија ништо за да заздрави општеството. Тоа се долго негуваните коруптивни практики, национал-шовинизмот, дискриминацијата, длабоко вгнездениот опортунизам и ароганцијата на институциите и на јавните сервиси.

Една од тие фарми за одгледување смртоносни вируси за демократијата е универзитетот што во своите пазуви одгледува и негува, дарежливо спонзорира до пензија, па дури и ги велича ликовите чија морална и човечка структура е расипана докрај. Медиумските сервиси (и националниот и приватните), безбројните државни комисии и агенции, институти и национални друштва под разни називи, па сѐ до парламентот – сите заедно создаваат една тешка и густа, заплеткана пајажина во која апетитите се на прво место, а моралот на последно. И има уште за набројување и опишување на тоа зошто и како политичките процеси во Република Северна Македонија се, најблаго кажано, апсурдни во својата основа. Гротеска.

И цело време се задржуваме на површината, глумиме, си играме, се забавуваме со досетки и се занимаваме со поединечни случаи на нерегуларности што ќе ги прибереме овде-онде. Па и не можеме да направиме ништо повеќе од тоа. Немаме политичка култура. Не успеавме да изградиме општество. Тоа е.

Ајде, сега, да продолжиме со мониторинг на Претседателските избори 2019.

 


Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста.

Повредата на авторските права е забранета со закон. 

Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.

Print Friendly, PDF & Email