Попладнево во скопската општина Арачиново се случи вооружена престрелка, каде мета на истрели беше градоначалникот на општината. Според информациите од МВР, нападот се случил додека градоначалникот се движел надвор. Се известува дека две лица се повредени, пренесува Порталб.
Директорот на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ Скопје, Љубен Арсенков, во изјава за „360 степени“ информира дека денеска околу 14 часот на Клиниката бил донесен 39-годишен пациент со прострелна рана во десното рамо, за кој вели дека најверојатно бил повреден во нападот во Арачиново.
Кон Ибраими е пукано од автомобил во движење, додека на главниот пат пред плоштадот во Арачиново настанала паника и хаос.
На местото на настанот има многу полицајци, додека влезовите и излезите во општината се блокирани.
Од СВР Скопје соопштија дека на влез на с. Арачиново машко лице со автоматска пушка пукало кон градоначалникот на о. Арачиново Р.И., кој бил заедно со уште неколку лица. При тоа повредени се две лица, кои биле заедно со градоначалникот. Градоначалникот не е повреден, а не се точни ниту шпекулациите објавени во дел од порталите дека е повреден полициски службеник. СВР Скопје презема мерки за расчистување на случајот.
Д. Т.