Планот за Газа изготвен од Египет како контра на амбициите на американскиот претседател Доналд Трамп за блискоисточна ривиера ќе го остави настрана Хамас и ќе го замени со привремени тела контролирани од арапски, муслимански и западни држави, според нацртот што го видел Ројтерс, пренесува ЦИВИЛ Медиа.
Египетската визија за Газа, која треба да биде претставена на самитот на Арапската лига во вторник, не прецизира дали предлогот ќе биде спроведен пред или по каков било траен мировен договор за ставање крај на војната предизвикана од нападите на 7 октомври 2023 година.
Кој ќе управува со Газа по конфликтот останува големото неодговорено прашање во преговорите за иднината на енклавата. Хамас досега ја отфрли идејата за каков било предлог да им биде наметнат на Палестинците од други држави.
Планот на Каиро не се занимава со критични прашања како на пример кој ќе ја плати сметката за реконструкција на Газа или не наведува какви било конкретни детали за тоа како ќе се управува со Газа, ниту како би била отфрлена вооружената група моќна како Хамас.
Според египетскиот план, мисија за помош на управувањето ќе ја замени владата во Газа, управувана од Хамас, за неодреден привремен период и ќе биде одговорна за хуманитарна помош и за отпочнување на реконструкција на енклавата, која е уништена од војната.
Ројтерс не беше во можност да утврди дали арапските лидери ќе го поддржат планот претставен од Египет, кој го отфрла предлогот на САД за масовно раселување на Палестинците од Газа, што арапските држави го гледаат како безбедносна закана.
Д. Мишев
.