ВЕСТ НА ДЕНОТ
Експлозија на цени по истекот на владините мерки
Од денеска престануваат да важат дел од антикризните мерки што Владата ги воведе во март со цел ублажување на последиците од енергетската криза и заштита на стандардот на граѓаните. Основните прехранбени продукти повеќе нема да се продаваат со нула проценти ДДВ, а од денес се враќа и ДДВ-то за бензините на 18 проценти.
Укинувањето на антикризните мерки се очекува да предизвика пораст на цените на храната и на енергенсите. Од полноќ по нова, зголемена цена веќе се продаваат горивата. Цената на Еуросупер БС-95 и на дизелот е зголемена за девет денари за литар, а на Еуросупер БС-98 за 9,5 денари за литар. За 8,5 денари за литар поскапо е и Екстра лесното масло за домаќинство. Според новите цени, Еуросупер БС-95 се продава за 104 денари, Еуросупер БС-98 за 106,5 денари за литар, дизелот за 95 денари, а Екстра лесното масло за домаќинство за 93 денари.
Од Владата вчера не информираа дали на вчерашната седница било разговарано за продолжување на антикризните мерки.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Украина губи 60-100 војници дневно како убиени во акција и околу 500 војници како ранети во акција, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за американскиот ТВ канал Њузмакс, јавува дописникот на Укринформ.
„Ситуацијата е многу тешка. Губиме 60-100 војници дневно како убиени во акција и околу 500 луѓе како ранети во акција. Значи, ние ги држиме нашите одбранбени периметри. Најтешката ситуација е на истокот на Украина и јужниот дел на Доњецк и Луганск“, изјави Зеленски.
*
Целите на Русија за воспоставување институционална контрола врз окупираните територии на Украина не успеаја, пренесува Укринформ.
„Првичните цели на Русија за контрола на големи делови од Украина не беа ништо помалку од целосен неуспех. Кремљ веројатно смета дека насилното задржување на Керсон ќе и обезбеди на Русија копнеен мост до Крим, како и стекнување некаква таканаречена победа и обид за оправдување кај домашната публика во Русија -заилјадниците животи што војната по избор на Путин ги уништи“, изјави во вторникот портпаролот на американскиот Стејт департмент Нед Прајс, пренесува Си-Ен-Ен.
*
Најмалку 4.113 цивили се убиени, а уште 4.916 се повредени од почетокот на целосната руска инвазија на Украина, стои во извештајот со најновите податоците кои беа објавени од Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации на почетокот на 31 мај.
*
Видеото, кое е снимено во нашата канцеларија во Мариупол, а сега се шири низ некои медиуми, е полно со лажни тврдења и неосновани претпоставки за работата на Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК), се вели во соопштението за печат на МКЦК.
*
Папата Франциск апелираше да престане блокадата на извозот на жито од Украина. На крајот од неделната генерална аудиенција на Папата во Ватикан, Светиот Отец повторно се сврте кон тековната војна во Украина, пишува Vatican News, пренесува Укринформ.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Проактивниот пристап на француското претседателство со Европската Унија е добредојден за претседателот на државата Стево Пендаровски, кој се надева дека истиот би можел да придонесе за изнаоѓање решение со кое би и се помогнало на земјава побрзо да ги отпочне пристапните преговори за членство во ЕУ, се вели во одговорот на Kабинетот на шефот на државата за МИА во однос на прашањето дали на маса е нов француски предлог за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија.
„Француската Република како актуелен претседавач со ЕУ уште при преземањето на претседателството во јануари оваа година го најави засилениот ангажман во насока на изнаоѓање решенија за отворените прашања на Западниот Балкан. Оттука, активностите на француската дипломатија во изминатите шест месеци, односно средбите на политичко и експертско ниво не се некаков нов обид за пробив, туку се целосно на линија на декларираните приоритети во однос на претседавањето со ЕУ. Целта на сите активности е да се направи исчекор во дијалогот со Бугарија во пресрет на Самитот ЕУ-Западен Балкан и Европскиот Совет, најавен за последната недела од овој месец во Брисел“, се нагласува во одговорот за МИА од Кабинетот на претседателот Пендаровски.
ФЛЕШ ВЕСТИ
АНТИКОРУПЦИЈА Државната комисија за спречување на корупцијата донесе одлука да поднесе Иницијатива за поведување постапка за кривично гонење до Основното јавно обвинителство Скопје, против Драги Рашковски, поранешен генерален секретар на Владата на Република Северна Македонија, и против Мухамед Зеќири, поранешен генерален секретар на Владата на Република Северна Македонија, кои за време на извршување на нивната службена должност сториле кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 став 1 од Кривичниот законик.
ЗЛОУПОТРЕБА Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) до Основниот кривичен суд Скопје денеска достави Обвинителен акт против три лица кои злоупотребиле средства на Европската заедница, информираат од Јавното обвинителство
СТАТИСТИКА Над 95 проценти од резидентно население на возраст од над 15 години во државата се писмени, додека 1,2 проценти или 18 897 се неписмени. Поголемиот дел од писменото население се жени, но и над две третини од тие што се неписмени.
ДИЈАЛОГ Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, денеска во Вашингтон се сретна со директорот на Агенцијата за безбедносно – одбранбена соработка на САД, Џејмс Хрш. Во фокусот на разговорите беа програмите за безбедносна соработка, вклучувајќи ги и воените набавки, военото финансирање, меѓународната воена едукација и хуманитарната помош
ЗЕЛЕНИ ПОЛИТИКИ Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ од денес е во официјална посета на Кралството Шведска каде ќе ја предводи македонската делегација на глобалниот состанок за животната средина „Стокхолм+50: Здрава планета за просперитет на сите – наша одговорност, наша можност“, на која заедно со министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, ќе земат учество.
ДЕЗИНФОРМАЦИИ И ПРОПАГАНДА
„Мора да земеме предвид дека Македонија е сиромашна земја. И тоа не го кажувам тоа како оправдување, туку како факт. Ние имаме околу 700.000 луѓе што живеат под прагот на сиромаштијата, над 500.000 луѓе што живеат со 3 евра на ден, имаме нецели 20% современа канализациона мрежа низ целата земја, имаме образование што дури и во самите општини не е еднакво квалитетно, имаме отежнат пристап од внатрешноста кон главниот град… зборуваме за многу сериозна состојба во којашто се наоѓаме и граѓанките и граѓаните се исправени со многу егзистенционални предизвици. И во таква една ситуација уште повеќе е отежнато ние да имаме ефикасна борба со дезинформациите и лажните вести“, вели комуникологот Бојан Кордалов во интервју за ЦИВИЛ Медиа, на тема дезинформации и пропаганда во нашата земја.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
ЦИВИЛ со акција против дезинформациите и пропагандата во Тетово и Гостивар
ЦИВИЛ денеска ги посети Тетово и Гостивар каде во комуникација со граѓанките и граѓнките зборуваше за граѓанската амкција против дезинформациите и порпагандата.
„Граѓанките и граѓаните на Гостивар искажуваат една сериозна недоверба во медиумите. Еден од граѓаните рече дека медиумите се само продложена рака на полтичарите и низа од комнетарите покажуваат дека дезинформациите и пропагандата веќе се препознаени од граѓаните“, изјави на прес-конференцијата, претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала.
Денешните активности во Гостивар, како и во Тетово, се дел од проектот „Зад димната завеса“ за медиумска и граѓанска акција против дезинформациите и пропагандата со фокус на странската, антизападна пропаганда преку мониторинг, анализи и обелоденување на дезинформациите и пропагандата за критични теми, како што е агресијата врз Украина, евроатлантските интеграции и други процеси од круцијално значење за нашата земја.
На прес-конференцијата претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала во Тетово зборуваше и за проектот за промоција на мултикултурализмот, како и за следењето на процесот на подготовка на Стратегијата „Едно општество за сите 2023-2025“, во чие креирање и ЦИВИЛ ќе даде свој придонес.
ЦИВИЛ оствари средба и со граодначалникот на Тетово, Билал Касами, а ствари средба и со претставници граќански организации и медиуми. На ифо-штандот на ЦИВИЛ граѓанките и граѓаните можеа да се запознаат подетално за заложбите на организацијата за промовирање на европските вредности, антинационализмот и мултикултурализмот.
ДИСТРИКТ
Во Дистрикт на Цивил Прес Студио, интервју на Зоран Иванов со Живко Андревски – новинар, писател, комуниколог, универзитетски професор, доктор на науки зборува за новинарската теорија и новинарската практика, интернетот и новите медиуми, лажните вести и пропагандите како и за политиката, бугарското ЕУ вето и за уште по нешто.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Ако се точни некои проценки, регресивните (мнозински) политички сили во Бугарија веќе се влезени во сценаријата според кои се надеваат на темелна, општа, внатрешна дестабилизација на Македонија во која ја гледаат шансата за понатамошно авансирање на својата антимакедонска агенда. Франција тоа би морала да го знае. Затоа е оваа иницијатива на Макрон, за нас, како одење по острицата на „ножот“ на нашата стабилност. Дозволено ни е да дуваме и на маштеница!“, вели Сашо Орданоски во денешната колумна „Во Париз, повторно, без нас ќе се решава за нас“.












