Министерот за правда Игор Филков ја разреши од членство во работната група за измени на Кривичниот законик судијката Даниела Алексовска Стојановска која ја донесе одлуката што јавноста ја оспорува, возачот Васил Јованов кој ја прегази младата Фросина Кулакова, да оди во воспитно поправен дом откако бил фатен со дрога.
-Ве информирам дека денеска донесов одлука да ја разрешам од членство во работна група во Министерството за правда, судијата чие име ја бранува јавноста. Судијата беше дел од работната група која е формирана во декември 2020 година за измени на Кривичниот законик и беше дел од активизираната работна група за брзите измени на Кривичниот законик со кој очекуваме да се отстранат штетните последици предизвикани со измените во 2023 година. Ова го правам со цел да не се дискредитира процесот којшто е започнат за потребните суштински реформи во правосудството – рече Филков.
Тој ги повика сите судски инстанци и Судскиот совет да преземат дејствија со коишто ќе се преиспита целиот случај со прерано загинатата Фросина.
-Крајно време е надлежните институции да покажат дека се подготвени да покажат мерки со цел лоцирање на виновниците и нивна евентуална одговорност. Мора да се утврди и тука нема компромиси. Граѓаните очекуваат правда-рече Филков.
Извор: СлободенПечат