Финска денеска ја обвини Русија дека ги насочува барателите на азил до нејзината граница и наведе дека ќе преземе неопходни чекори за да спречи масовен прилив на луѓе и да ја заштити својата национална безбедност. Премиерот Петери Орпо на прес-конференција изјави дека Русија ја променила практиката дозволувајќи им на луѓето пристап до границата без потребните патни документи, објави Тудеј онлајн.
„Јасно е дека на овие луѓе им се помага и дека граничарите ги придружуваат или транспортираат до границата“, изјави Орпо од финската конзервативна партија Национална коалиција.
Иако сè уште е мал, бројот на пристигнувања од Русија се зголеми оваа недела, според финските граничари. Околу 60 баратели на азил дојдоа преку Русија од вчераутро, соопштија властите.
Ова е во спротивност со 91 лице кои пристигнале без потребните документи од 1 август до 12 ноември. Финска минатата година усвои закон кој им дозволува на нејзините гранични власти без исклучок да престанат да прифаќаат барања за азил на одредени премини во случај нордиската земја да стане цел на масовна имиграција организирана од друга држава.
Членката на НАТО Финска дели 1.340 километри граница со Русија, која служи и како надворешна граница на Европската унија.
„Пораката што ја испраќаме од владата е јасна, сакаме да ја зајакнеме безбедноста на нашата источна граница“, рече Орпо.
Министерството за внатрешни работи на Финска ќе подготви предлог кој би можел да им дозволи на службениците да го ограничат граничниот сообраќај или да затворат некои премини, изјави претходно министерката за внатрешни работи Мари Рантанен. Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), која е задолжена за руската гранична безбедност, не одговори веднаш на барањето за коментар.
„Не станува збор за бројот на баратели на азил, туку за националната безбедност на Финска и за промена на активностите на Русија“, рече министерката за финансии Риика Пура во објава на платформата X.
Рантанен и Пура припаѓаат на финската антиимигрантска партија на Финците, втората по големина партија во коалицијата на Орпо.
Г. Т.