Специјалното Јавно oбвинителство ќе ги поднесе првите два обвинителни предлога до Кривичниот суд денеска, кога ќе го поднесе и вториот шестмесечен извештај за својата работа
Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, на почетокот на денешната прес-конференција, упати апел до Собранието за измени во Законот за заштита на сведоци, за да може СЈО детално да го разгледува случајот за смртта на Мартин Нешковски, како и случаите „Монструм“ и „Сопот“.
И додека првиот случај се однесува на уништување на материјалите од неовластеното прислушување, вториот случај произлегува од содржина од прислушуваните разговори. Првообвинетиот во овој случај, како што посочи Фетаи, е дел од извршната власт. Случајот се однесува на насилното прекинување на седницата на Советот на Општина Центар. Станува збор за кривично дело против јавниот ред и мир, со лукративен мотив, за заштита на бизнис интересите на партискиот врв и на блиските бизнис соработници. За овој случај, СЈО товари 14 лица, од кои 5 лица се обвинети како поттикнувачи, а 9 лица како директни извршители на насилството.
„Патот до правдата е еден! Тој не трпи компромиси во корист на едни, а на штета на други. Нема да има ниту привилегирани, ниту неправедно обвинети. Во ова Јавно обвинителство, секој кој се огрешил кон Кривичниот законик во Република Македонија, ќе одговара“ рече Фетаи.
Катица Јанева изјави дека ќе присуствува на разгледувањето на вториот извештај на СЈО, кога Советот на јавни обвинители и Собранието, ќе ги закажат седниците. Извештајот ќе биде објавен и на веб страната на СЈО.
ЦИВИЛ – Центар за слобода од првиот ден на воспоставувањето на оваа институција, ја искажува својата целосна и безрезервна поддршка на СЈО и своето категорично барање до сите релевантни институции и Собранието, како и до Уставниот суд, да обезбедат максимални услови за непречена работа на СЈО.
„Граѓанките и граѓаните на Република Македонија бараат правда и бараат институции, а не партиски штабови. Симбол на промената која ја бараме е токму Специјалното Јавно обвинителство“, изјави Џабир Дерала од ЦИВИЛ.
Марија Теговска
Камера: Дехран Муратов