Случувањата во врска со светскиот тенисер број 1, Новак Ѓоковиќ и настапот на турнирот Аустралиан Опен ја брануваат светската, а и нашата јавност. Повеќе македонски портали објавија дезинформации дека познатиот актер Кијану Ривс му дал поддршка на Ѓоковиќ и му рекол на неговиот противник Надал дека му е време за пензија.
Но, твитот на кои се повикуваат написите не се од профил на канадскиот актер Кијану Ривс, туку од лицето „Ван Марфи“ кое се претставува како двојник на Кијану Ривс: Еј дечки, јас сум Ван Марфи и сум администратор на овој профил. Ова е за сите фанови на неговата уметничка работа“ – пишува на твитер профилот од кој се преземени пораките.
За жал, и оваа информација од страна на „двојникот“ на Ривс не ги спречи дезинформациите на повеќе портали. како Плусинфо, Вечер, Експрес, Република и други. Некои портали објавија дополнителни дезинформации дека Кијану Ривс објавил слика со икона и направил хаос на интернет: Актерот го честитал православниот Божиќ (Екран) и Кијано Ривс на сите верници им го честиташе Божиќ со православна икона во рацете! (Убавина и здравје). Повторно, насловите пренесуваат твит на „шегаџијата“ Van Murphy, односно двојникот на Кијану Ривс.
За овие дезинформации пишуваше и „Вистиномер“, каде се нагласува дека „Киану Ривс, ѕвездата од познатиот Матрикс филмски серијал, ниту му дал поддршка на Ѓоковиќ, ниту го критикувал Надал. Твитер профилот од кој се споделени твитови со вакви содржини не е на Киану Ривс, туку станува збор за објави кои ги продуцира некој што се претставува како дублер на актерот“.
Медиумите треба да ги проверуваат добро информациите што ги објавуваат, особено во вакви прилики кога и светската и нашата јавност се поларизира, дури и околу спортот. За жал, голем број од нив не го прават тоа, па затоа и публиката треба да биде многу внимателна и да не дозволи да стане жртва на вакви манипулации, чија цел е ловење на гледаност и кликови.
Автор и водител: Петрит Сарачини
Камера и монтажа: Ариан Мехмети
Стручен соработник на сценарио: Жарко Трајаноски