САШО ОРДАНОСКИ
Ех, да бев спортски новинар, макар од нашиов телевизиски патриотски смер, да можев огнено да ја опишам фудбалската сензација на Македонија во Палермо! Ги победивме Италијанците во нивен стил: лекција од 92 минути дисциплинирано фудбалско „катанаџо“, речиси без ниту еден посериозен пропуст – и шокантен гол на Трајковски, две-три минути пред крајот, за директен влез во историјата!
Како по учебник. Милевски го нокаутираше Манчини, на негов терен, според нивната фудбалска „школа“. Без препишување.
Дури и на Би-Би-Си до полноќ бевме светски „брејкинг њуз“, со констатација дека Италијанците доминирале со поседот на топката, но не успеале „да ја пробијат резолутната македонска одбрана“… Париски „Л’Екип“ вели дека „Италијанците го вложија целото срце и целиот свој талент за да избегнат ново разочарување на Мундијалот“, но дека „фудбалот е суров кон тимовите коишто не знаат да ја искористат својата доминација“… Шпанската „Марка“ пишува дека во четвртокот вечерта „е испишана нова историја“ во светскиот фудбал со победата на Македонија, 67-от тим на ранг-листата на ФИФА, против актуелниот европски првак, Италија… „Кориере дело Спорт“ резигнирано заклучува дека „само осум месеци по уличните прослави за неверојатната европска титула, таа магична ноќ се претвори во кошмар“… Спортското издание на германскиот „Билд“, пак, уште во насловот ја сумира веста на вечерта: „Италијанска бламажа!“, со една реченица во таблоидниот поднаслов: „Парализирачки хорор во Италија!“
Додуша, нашол па „Билд“ да зборува за бламажа: ономад, слична сензација направивме и во Германија, во земјата каде што се измислени светските фудбалски победи, уште кога легендарниот Герд Милер си го влечеше ниско поставениот задник по теренот, без никој да може да му ја земе топката од нозете. Генијалците на тој стил, Марадона и Меси, ќе се појават прилично подоцна…
Но, што се разбирам јас во фудбал! Од нервоза грицкам сончоглед за да не грицкам нокти, се дерам по судијата повеќе од нашиот фудбалски коментатор, немам ни репрезентативен дрес дома за да бришам солзи радосници од него… А и пиштолот не знам кај ми е, барем еден шаржер во воздух да прославев!
И, сега, знаете како викаат: кога првпат ќе ги победите Германците на нивен терен, тоа може да е случајност; кога вторпат ќе ги победите Италијанците кај нив дома, можеби е коинциденција; но, ако ги тепаме и Португалците во вторник во Порто – е, тоа е веќе конспирација! На малата фудбалска магија против големата фудбалска индустрија.
Се рабира дека апсолутно сѐ е можно! „Со Македонија ќе биде уште потешко и покомпликувано“, вели португалскиот тренер Фернандо Сантош по нивната победа над Турција. Ecce Homo кој знае што зборува – и Португалија може да падне за заговорот да биде комплетен!