„На средба со градоначалникот Максим Димитриевски, разговаравме за мултикултурализмот и европските вредности, во рамките на проектот ‘Заедно за подобра иднина’, со поддршка од Министерството за надворешни работи на Големото Војводство Луксембург“, изјави Претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала на средба медиумите, веднаш по завршувањето на средбата.
Дерала ја информира јавноста дека ова е прва во серијата средби на ЦИВИЛ со првите луѓе во повеќе општини и најави вакви средби во општините Центар, Штип и Гостивар, но и дека интересот на други општини за овој проект е висок.
„Со Градоначалникот Димитриевски планираме две големи заеднички активности. Првата е јавен настан со наслов ‘Граѓански дијалози’, а втората е награден ликовен конкурс на темите поврзани со проектот“, изјави Дерала и додаде дека Димитриевски изразил максимална поддршка за проектот.
Со оваа подготвителна средба, ЦИВИЛ ја почна серијата средби со градоначалници на кои станува збор за соработка и организирање јавен настан на тема „Граѓански дијалози за предизвиците и перспективите на мултикултурализмот и европските вредности на локално и национално ниво“, на која ќе бидат поканети претставнички и претставници на локалните институции на власта, бизнис заедницата, образовните установи, граѓанските организации и други форми на граѓанско здружување, етнички и верски заедници и други лидери во заедниците.
Б. Јордановска