Уште на 8 октомври, пред повеќе од три месеци, Врховниот суд им овозможи на сите граѓани, здрави, но и хронично болни, астматичари, болни од рак и на сите невладини организации, да поднесат тужби против државата за загадениот воздух, но во Управниот суд досега нема пристигнато тужба.
„По извршените проверки во АКМИС системот, ве известуваме дека по донесување на Начелниот став на Врховниот суд од 08.10.2024 година до овој момент, во Управниот суд не се заведени тужби во врска со загадениот воздух“, одговори за САКАМДАКАЖАМ.МК Управниот суд, кај што може да се тужи државата за загадениот воздух што го дишат граѓаните секоја зима.
Со недели Македонија, пред сè Скопје, е на врвот во светот на листите на најзагадени градови, а граѓаните масовно се жалат на тешки здравствени проблеми.
Начелниот став на Врховниот суд донесен во октомври вели дека граѓанинот нема да мора во тужбата да го напише виновникот за загадувањето на воздухот, водата, почвата каде што живее, туку за тужена странка ќе биде адресирана Република Северна Македонија.
Задача на Управниот суд потоа е да го најде виновникот. На пример, ако надлежна институција не поставила мерни единици кај Ректорат, Гази Баба, Ново Лисиче, Тетово, Кавадарци и на други загадени места, Управниот суд ќе ја лоцира одговорноста и ќе ја задолжи таа институција, или поединци, да постават мерни апарати.
Ако општината или државата не донела акционен план за спречување на загадувањето, што е обврска со закон, граѓанин може да ја тужи државата пред Управниот суд и тој да утврди вина и да ѝ наложи на државата (институцијата) да донесе таков план и да го спроведе.
Со добиените тужби пред Управниот суд, граѓаните, болни лица, родители на болни деца, потоа може да поднесат кривични пријави или да одат во граѓанска постапка да бараат правда и отштета.