Лажните вести, разните дезинформации и пропагандите се почесто пробиваат во јавноста за сметка на фактите и тоа е поле на кое мора да се работи одговорно, посебно во образованието, во медиумите и, секако, и во политиката, истакна заменичката на премиерот на владата на Република Северна Македонија за добро владеење Славица Грковска, при промоција на публикацијата на Институтот за медиуми и аналитика (ИМА) – „Вон фокусот на медиумите: Демократски институции, владеење на правото и реформи во јавната администрација“.
„Хибридните закани и говорот на омраза, рече Грковска, исто така, се посебен проблем. Најсвеж пример се многуте шпекулации во широката јавност со најновите настани во Газа како и претходно и се уште со агресијата врз Украина и затоа многу се важни образовните процеси посебно во делот на таканаречените „меки вештини“ со цел во напливот од информации полесно да се препознаваат фактите“.
Грковска зборуваше и за важноста од однесувањето на политичарите кои, како што рече, мора да се држат до етичките стандарди, медиумите да настојуваат да бидат објективни, да бидат брана за лажните вести, дезинформациите и пропагандите, а политичарите, посебно лидерите на партиите, да развиваат чувство на одговорност за најважните државни прашања за кои е нужен консензус.