Министерството за надворешни работи на Грција, преку соопштение, реагира за, како што наведуваат, „повторната погрешна употреба на името на ПЈРМ“ од страна на еврокомесарот Јоханес Хан за германски „Шпигел“.
Грчкото МНР, јавува дописникот на МИА од Атина, вели дека употребата на „несоодветни фрази“ не помага да се постигне напредок во разговорите за името, но и дека тоа не е во согласност со улогата на ЕУ.
– Го повикуваме комесарот Хан да го почитува меѓународното законодавство и да не ги прекршува, меѓу другото, и одлуките и обврските на самата ЕУ. Особено во еден критичен момент како што е денешниот кога преговорите се во тек. Повторувањата од негова старана на несоодветните фрази, не придонесуваат во постигнување напредок во преговорите за името. Исто така, не се во согласност со конструктивната улога што треба да ја имаат претставниците на Европската унија, соопшти грчкото МНР, пренесува МИА.
Извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.