Угледниот Поинтер институт објави сторија за дезинформацијата дека американскиот претседател Џо Бајден заспал за време на средбата со израелскиот премиер Нафтали Бенет, цитирајќи го Политифакт, чиј основач е самиот Институт.
Во текстот на Институтот се посочува дека ова не е првпат да се манипулираат видео содржини во кои тој е прикажан како заспива. Во август 2020 година, како што објавува Политифакт, кога Бајден сè уште беше само номиниран за претседател од Демократите, на социјалните мрежи се појави видео клип во кој тој беше прикажан дека спие, па дури и дека рчи за време на интервју. Во видеото се слуша и гласот на новинарката која, наводно му рекла „разбудете се, разбудете се“. Но будните луѓе ќе забележат дека такво нешто, всушност, не се случило. Се работи за видео манипулација со цел да се дезинформира јавноста и да се дискредитира американскиот претседател.
Поинтер потсетува дека само половина година подоцна, односно еден месец по претседателската инаугурација на Бајден, тој на фотографија која стана вирална, беше прикажан дека спие во Овалната соба, како што објави Политифакт. Прво Фејсбук, а потоа и вистиномерите, брзо утврдија дека се работи за фотомонтажа.
Деновиве, се појави видео клип во кој Бајден се прикажува како да спие на средбата со Бенет. Политифакт и Поинтер институтот на 31 август се придружија кон големиот број проверувачи на факти и одговорни редакции ширум светот, кои ја разобличија оваа манипулација во јавноста.
Да потсетиме, на 29 август ЦИВИЛ МЕДИА објави детали за манипулацијата со видеото во кое се прави обид за дискредитација на американскиот претседател, со тоа што тој беше прикажан како да спие на средбата со Бенет.
ЦИВИЛ МЕДИА, меѓу другото, објави и дека како главни извори на оваа дезинформација, односно тенденциозна манипулација на Твитер се посочуваат објавата на Твитер профилот на ЕХА Њуз, Твитер профилот на Галит Дистал Атбаријан, член на израелскиот Кнесет од опозициската конзервативна партија Ликуд на поранешниот премиер Нетанјаху. Понатаму, оваа дезинформација се шири и преку Твитер профилите на влијателни конгресмени и личности од кругови блиски на републиканците, како и други американски десничарски медиуми, аналитичари и инфлуенсери. Веста потоа беше проширувана и од медиуми блиски до руската пропаганда, како Раша тудеј.
Овој случај на дезинформација преку манипулација со фото и видео материјали е мошне индикативен и претставува своевидна најава за нова фаза на дезинформациските кампањи во светот.
Џ. Д.