Categories

ИДЕНТИТЕТИ Идентитет „а ла Штип”

пишува: Војо Маневски

Во однос на идентитетот, се наоѓаме во состојба како Евреите пред Христос. Постојано чекаме некој Месија, да ни се јави лидер на партија кој ќе ни го покаже патот, влада која ќе ни отвори работни места, Европа која ќе ни донесе куп пари, а ние нема да работиме…

Македонија има 4.000 универзитетски професори, не знам колкку доктори на науки, и сметам дека тој научен простор е завземен, а ние со право очекуваме од нив решение за општествените проблеми… Јас работам во локална телевизиска станица, живеам и роден сум во место кое се нарекува Ново Село. Тоа е еден дел од Штип, кон кој што подоцна се припоил останатиот дел од градот. Не знам дали Свети Петар пишувал за него во писмата, или Аминта Трети, или не знам кој, го споменал, но еве постои таму, барем едно 1000 или 1500 години…

Поради моиве години, одам рано на работа, а во овие есенски и зимски денови, утрото знае да биде мрачно. Но, ќе ви го раскажам она што јас го согледувам како идентитет на моите соограѓани. Барем на оние со коишто јас секојдневно се сретнувам и седам со нив. (Затоа обично велам дека немам стојалиште туку седалиште, зашто она што јас го согледувам, го правам од позиција на седење во старинските кафеани во кои ги нема оние транзициски, барски столчиња, на кои ми е некако алпинистички да се качам, а и не ме личи…)

Првата работа со која имам проблем наутро, е да го избегнам белиот камен од родната куќа на архиепископот Михаил. Таму пишува „куќа склонопадна“, така пишува едно дваесетина години, а и архиепископот е веројатно дел од некаков идентитет. Ако ништо друго, на таа улица… Мостот го поминувам, и како низ сенките на Балканот, поминуваш низ куќи на коишто пишува дека се направени 1826, 1827, 1828…, и така натаму. Кога се заинтересирав како овие луѓе успеале да направат такви куќи кои личат на оние „корбизиевите“ од Крушево, разбрав дека тие луѓе биле велетрговци со опиум. Значи, според модерен речник, сегашниот идентитет би бил – наркокартел, само што тоа е пред 200 години… Но, направиле и една патријаршиска црква.

Кога поминувам оттаму, незаобиколна е обновена куќата на семејството Мијалкови (малку проширена навистина, ама и тоа е идентитетот на ова време) или родната куќа на мајката на поранешниот премиер… А веднаш до неа, некако на надвиснато, ама само камења се останати, родната куќа на Ванчо Михаилов. И куќата на Тодор Александров, од која има само по некој камен… Десно од нив, на 50 метри, е родната куќа веројатно на најпознатиот Македонец надвор од Македонија, иако кај нас не се знае многу за него. Тоа е професорот по етика Тодор Попов, инаку регент на бугарското царство и еден од соработниците на Сартр. Голема личност, ама неговата куќа не е „склонопадна“, таа е речиси цела падната. Нема никој некако да ја обележи. На 10 метри од неа е родната куќа на Михајло Апостолски. И таму, со борина – како што велат моите новоселци – можеш да откриеш обележје… Нема ништо. И тоа е дел од тој идентитет за кој денес сакаме да кажеме дека го наследивме… И куќата на Чучков, основачот на Економскиот факултет и на „Танец“, исто така, нема никакво обележје… И многу други. Интересно е дека моиве соограѓани, моиве соседи, 90 проценти од нив, немаат поим за сево тоа, ама знаат дека таму е родена мајката на поранешниот премиер… Зборуваме за идентитетот, нели…Онака, како што ние, провинциски, успеавме да го сфатиме.

Зошто велам дека сакам да ги согледувам моиве соограѓани, како дел од тој македонски идентитет. Штип има еден интересен идентитет, барем како наследен. Германскиот фелдмаршал Левински, откако бил во Штип, напишал: „Оваа ориентална касаба е составена од половина мухамеданци, половина ортодоксни христијани и Евреи“. Денес се 95 проценти Македонци христијани. Нашите некогашни соограѓани историјата ги однела. И тоа е наследениот идентитет.

Како ги препознавам моиве соограѓани? Па вака, има една старинска меана, се вика „Кај чичко Заки“, не е приватизирана, затоа што била приватна уште 60-тите, па турболенциите не ја зафатија. Таму седат „пратениците“. Зошто пратеници? Тие сами така се нарекуваат, затоа што наутро ги испраќаат од дома, да ги однесат внуците, децата, да ја проверат позитивната листа на лекови по аптеките… Кај нив е интересно што тие пијат само турско кафе и локум и вода, читаат весник. Јас кај нив забележувам дека секогаш чевлите им се исчистени, убаво светнати, не галамат многу, иако демократска форма е кафеаната и може секој да галами, облечени се пристојно, како средноевропската класа од седумдесетите години, можете да видите на нив сакоа од Мурска Собота, можеби костуми од Вараждин, пристојно зачувани… Интересна работа е што се образовани. Тоа образование го споредувам со искуството од едно време, имаат енциклопедиско образование… Седнувате со нив да зборувате и тие зборуваат за некакви други текови, не модерните, бидејќи се работи за луѓе кои се родени главно 50-тите години. И сите тие на крајот како лајтмотив велат: „Сѐ е наопаку“. Ги знаат сите светски заговори. И, се разбира, сѐ е наопаку затоа што времето во кое што тие го достигнале својот зенит, не било такво, според правилата што денес се поставуваат. И пред себе, речиси секој втор, има по едно мало пусулче, на кое што пишува „Земи три леба…“. Интересно е што таму можете да го сретнете и поетот Самоников, можете да сретнете и универзитетски професори, долги години во пензија, кои веднаш ќе ви кажат: „Зборуваме за економска политика, а многумина од вас никогаш не сте го прочитале спомнатиот претходно Емануел Чучков“. Или: „Зборуваме за демократизација во општеството и партиите, а еден Александар Грличков напишал едно од најпознатите дела за делегатскиот систем како најдобар израз на непосредната демократија“… Сѐ се тоа луѓе за претендираме да ни бидат дел од идентитетот. Ама, повторувам дека мал е процентот на луѓе кои зборуваат за нив.

Втората генерација од моите соограѓани излегува некаде околу 11 – 11,30 наутро, и седнува во некоја од мешавините од пицерија, кафеана, кафич…, не знам веќе ни како се нарекува. Интересно кај нив е што сите се политички определени, сите се членови на партии, затоа што по инерција продолжиле од Сојузот на комунисти да бидат членови на СДСМ, или оние другите кои станале членови на ВМРО, во најголем број, се разбира. Тоа што јас го забележувам меѓу нив, е дека нивните политички расправи се како понеделничките, по големите спортски натпревари. Тие не се мразат меѓу себе, се шегуваат – ве победивме, не нѐ победивте – но имаат една добра доза на почитување едни кон другите. Тоа е рокерската генерација која сѐ уште носи патики од две причини. Првата е оти кога почнале на корзо да одат било симпатично да се носат патики. А втората? Затоа што младите главно купуваат скапи патики, а не се занимаваат со спорт, па ќе преостанат да ги носат, и родителите ќе ги облечат. Така што, кога ќе тргне некој кон тоалетот може да видите и некој со фосфорни патики, со оние што светат. Тоа можеби изгледа неприкладно, но тоа е сликата на идентитетот на таа генерација мои соограѓани во овој момент. Најголемиот број од нив, се пред пензија, поранешни самоуправувачи, кои пијат ракија и првата чаша ја вртат според некое сеќавање од каубојските филмови… И тоа е дел од нашиот идентитет! Сите тие имаат, кога ги гледате нивните лица, малку гнев, малку резигнираност, да не споменувам дека половината од нив можеш да ги прашаш што е тоа транзиција, и ќе ти кажат – елементарна непогода каде што изгубиле работни места, каде што им се распаднале семејствата… Научени се на овие, новиве телефони, затоа што ако сакаат да си ги слушнат децата и внуците мораат на скајп, такво е времето, и многу е тешко да се седи со нив, затоа што се – горчливи. Но, толерантни…

Третата генерација се деца на транзицијава, родени некаде по ’75-тата. За нив велам дека имаат многу малку идеологија, а за морал и останато, нека зборуваат критичарите. За нив е светоназор: „Сега искористи ја секоја шанса!“ Без исклучок се членови на политички партии, ги заземаат местата по штабовите и тоа ревносно. Да не им го заземе некој, за да се дојде до работно место, унапредување… Не размислуваат за тоа тоа што им го испратил шефот од Скопје е исправно или не… Жртви на транзицијава. Што било да се направи во општеството, за нив е оправдано, затоа што имаат еден многу убав израз „Снајди се!“. Интересно е кога разговараш со нив, обично велат дека нивното искуство, на возраст 35-40 години, им кажува: „Покажи ми некој како тебе, пискарало, кој има скап автомобил“. И многу тешко им се одговара, бидејќи се сведоци и на транзицијата во која израснале и, за разлика од претходните рокерски и оние претходните, шлагерските генерации, по мое видување, се тесно образование. Немаат енциклопедиско знаење, ама имаат неспоредлива желба да се збогатат. Така го сфаќаат либералното општество, постмодернистичкиот либерализам, така ја сфаќаат Европа, за мој вкус со премногу формализам. Ним им е важно да се магистри, доктори…

Со последнава генерација многу малку се дружам, поради бројот на мојата лична карта. Тие деца носат телевизори кои ги нарекуваат телефони, разговараат на нив по цел ден, седат, доаѓаат околу 5-6 часот попладне, не разговараат меѓу себе, веројатно комуницираат преку социјалните мрежи, пијат макијато, со задолжителното пластично лажиче кое го држат во уста… И сѐ што можеш да слушнеш од нив е: „Јас не се наоѓам овде“. Студираат за да студираат, не размислуваат за ништо друго, освен тоа како неговиот другар земал 2.500 евра работејќи во Германија, а станува во 11 часот наутро… Околу 11,30 Питу Гули веќе загинал…, ама, да не ги навредувам.

Тука се и универзитетските професори, во Штип ги има некаде околу 400, и имам шанса и со нив да разговарам. Некогаш не ми се допаѓа тоа што најчесто зборуваат дека нивните трудови, кога би излегле надвор, би чинеле 15.000 евра, а тука работат за 350 евра…

Мојот впечаток, на крајот од оваа петта деценија како човек, во однос на идентитетот, е дека се наоѓаме во состојба како Евреите пред Христос. Постојано чекаме некој Месија, да ни се јави лидер на партија кој ќе ни го покаже патот, влада која ќе ни отвори работни места, Европа која ќе ни донесе куп пари, а ние нема да работиме… Не знам дали Месијата ќе дојде, ама јас еве, ве поканувам да видите како живееме ние во провинцијата, како живеат овие мои сограѓани кои се обидов да ги насликам.

 


Текстот е дел од публикацијата „Губење на идентитетот или…?“ од истоимениот проект на ЦИВИЛ во соработка со Фондацијата Хајрих Бел.

Print Friendly, PDF & Email