Во политиката, нормално, никој (и никаде) не сака да губи. Малкумина се оние кои тоа знаат да го направат со стил. Во историјата се памети Адлај Стивенсон, претседателскиот противкандидат на Ајзенхауер во 1952 година кој, по изгубените избори, својот губитнички говор го започна со зборовите: „Она што нѐ обединува како Американци е многу поголемо од она што нѐ дели како политички партии. Ве повикувам сите да му ја дадете на Генерал Ајзенхауер поддршката што ќе му треба за да ги спроведе големите задачи што се исправаат пред него. Јас му ја давам мојата“, пишува Сашо Орданоски во колумната „Победа „за гради“ не е големо достигнување“.
ЕУ Министерот за надворешни работи Бујар Османи од денеска престојува дводневна работна посета на Брисел, во чии рамки на покана на претседавачот со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, неговиот грчки колега Никос Дендијас, ќе учествува на неформалниот состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на ПСЈИЕ. Како што соопшти МНР, на маргините на министерскиот состанок, Османи ќе има одвоена билатерална средба со министерот за надворешни работи на Бугарија, Светлан Стоев.
ОДБРАНА Министерството за одбрана и генералштабот на Армијата денеска ќе ја одржат финалната конференција на групата за воена интеграција на Република Северна Македонија во НАТО. На конференцијата, воведни обраќања ќе имаат, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, заменикот на началникот на Генералштабот, генералот Азим Нуредин и претседавачот на работната група за воена интеграција, полковникот Франческо Пачиљо.
КОВИД МЕРКИ Од денеска за влез во објектите потребен е сертификат со примени две дози вакцина или потврда за прележан Ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето. Министерството за здравство апелира граѓаните да ги почитуваат мерките, да бидат одговорни и да се вакцинираат.
БУЏЕТ Во Собранието денеска треба да почне расправата по Предлог-буџетот за 2022 година. Според објавата на веб страницата на Собранието, Предлог-буџетот е ставен на дневен ред на собраниската Комисија за финансирање и буџет закажана во 11 часот, а потоа треба да биде разгледан и на Законодавно-правната комисија.
ОДЛУКА Од денеска, па до 15 март е задолжително поседувањето пропишана зимска опрема, согласно одредбите утврдени во Правилникот за задолжителна опрема на возило, велосипед и запрежно возило за безбедно учество во сообраќајот на патиштата, како и на трактори за безбедно извршување на земјоделски, односно шумски работи.