Скопското јавно обвинителство изврши претрес во домот на сопственик на „ДоказМ“, Марјан Стаменковски, пришто е осомничен за повеќе кривични дела. Од OJO откриваат дека тој соработувал и со истражителка која била ангажирана во Обвинителството.
„Во наведениот период додека во обвинителството се водеше постапката против осомничениот, тој искористил лично познанство со лице ангажирано како истражител во Основното јавно обвинителство Скопје, па преку вибер комуникација се обидел од неа неовластено да дознае информации за преземени истражни дејствија во повеќе кривично-правни предмети, вклучувајќи го и предметот против него.
Обидувајќи се да влијае врз постапката против него, од приватната комуникација со истражителката, без согласност искористил и објавил лични податоци и фотографии на четворица истражители во ОЈО Скопје, кои поднесоа кривична пријава за – Злоупотреба на лични податоци од чл.149 ст.1 од КЗ“, велат од ОЈО.
Од таму додаваат дека истражителката која споделувала податоци со осомничениот веќе не е ангажирана во Истражниот центар на ОЈО Скопје и за неа ќе биде иницирана постапка пред Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди во Министерството за внатрешни работи.