Претседателот Ѓорге Иванов очекува Европската унија да покаже решителност и на Македонија да ѝдаде датум за почеток на преговорите за членство. Иванов ова го порача денеска во Брисел, во своето обраќање на официјалната сесија на Форумот „Кран Монтана“.
„Со секое затворено поглавје, земјата се европеизира и се приближува кон посакуваните европски стандарди. Унијата треба да разбере дека процесот на проширување не е чисто техничко, туку тоа е пред сè, политичко и стратегиско прашање. Пораката до Унијата е да посвети поголемо внимание кон истокот и југоистокот на Европа. Да го продолжи проширувањето, да инвестира во инфраструктурното и енергетско поврзување, да го отвори просторот. Бидејќи само солидарни, можеме да градиме регион и континент на безбедност, мир и благосостојба“, истакнал Иванов.
Одложувањето на проширувањето на ЕУ, според Иванов, само ја усложнува состојбата. Актуелното статус кво во интеграциите, во комбинација со економската криза и безбедносните предизвици, ги прават Балканот и Република Македонија уште поранливи на надворешните фактори на дестабилизација.
„Најпрво, мигрантската и безбедносната криза покажуваат колку е неопходно да соработуваме на полето на регионалната безбедност, за да одолееме на глобалните безбедносни закани и ризици. Добар пример за ваква соработка е помошта што ја добивме од неколку европски држави во екот на мигрантската криза. Овие земји покажаа солидарност на дело, во спречувањето на илегалната миграција. Тоа е пример што Унијата треба да го следи. Второ, финансиската и кредитна криза покажува дека е неопходно да го поврзуваме регионалниот пазар за да бидеме конкурентни на глобалниот пазар. На тоа поле може да ни помогне Иницијативата 16+1 што им овозможува на државите од Централна, Источна и Југоисточна Европа инфраструктурно да се поврзат, со што се комплетира европскиот проект за слободен проток на луѓе, стоки, услуги и капитал“, рече Иванов, додавајќи дека сето тоа ќе остане незавршено без проширување на Унијата.
М. Т.