Мултиталентираната пијанистка, професорка и спортистка Дуња Иванова, во видео порака за Иницијативата „Направи разлика, почитувај ги различностите“ зборува како таа ги доживува различностите, преку сетилата, музиката и филозофијата.
„Реалноста е сепак дека сè уште меѓу мојата генерација, но и меѓу помладите постои националшовинистички амбиент, кој одвреме-навреме доаѓа до израз и не гледам зошто токму тие разлики во однос на етничката или верската и национална припадност и мноштвото култури што виреат во нашето општество треба да бидат проклетство, кога може на нив да се гледа како на егзотика. Една потреба, еден порив да се истражува во нов неоткриен свет, кој само ќе придонесе за живописноста на животот што тука го делиме сите меѓусебно.
Токму музиката, на пример, или филозофијата и на крајот и спортот е најдобар пример и најсилното оружје во борбата за почитување на тие различности, затоа што токму, на пример, во музичките дела или делата на филозофијата се содржани сите мудрости на светот каде што не постои никаков простор за правење на некакви граници, а особено не граници што се темелат врз верата или врз етничката припадност на една индивидуа“, истакна Иванова.
Биљана Јордановска
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети