Извештај од долгорочниот изборен мониторинг на ЦИВИЛ
ЦИВИЛ одржа прес конференција, на која го претстави изборниот извештај од долгорочниот мониторинг.
Прес конференцијата ја водеше претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала.
Во извештајот се дава опширен осврт и оценка на изборниот процес, изборната кампања, злоупотребата на настани и процеси во изборен контекст, како и пропратните дезинформации и манипулации во предизборната кампања за локалните избори што ќе се одржат во недела, на 17 октомври.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Зулуета: Некои од жените кандидатки се поставени само за подобрување на имиџот на партијата
„Бев изненадена кога дојдов и кога дознав дека од 80 градоначалници, само шест се жени. Ова е многу мала бројка. Со оглед на важноста на градоначалникот во политичкиот систем и административниот систем на Република Северна Македонија, тоа е жално. Бројот на кандидати за градоначалници ја одразува ситуацијата, која не се развива во позитивна смисла. Партиите не бараа жени кандидати а и ни признаа така искрено. Имаме само 25 жени од мислам 312 кандидати. Значи овие 25 жени треба навистина многу добро да се справат за да ги задржат 8-те проценти што ги имавме претходно. А некои од нив се јасно поставени таму за шоу, ако гледате на што мислам. Партијата која ги поставува во некои случаи знае дека нема да победат, но тие ќе го подобрат имиџот на партијата.
Се обидовме да разбереме зошто, а сигурна сум дека вие и другите во земјата подобро од мене ќе го одговорат тоа прашање. Но, интересно е тоа што колку подолго беа нашите набљудувачи во регионите, разговарајќи со луѓето, посетувајќи ги селата, толку појасно стана дека препреките за учество на жените се длабоки и дека тие се од културен карактер, како и од економски. Често, жените кандидати кога зборувале, биле пропратени од страна на машки роднини. А често кога имало двајца што одговарале на прашања, зборувал мажот, дури и жената да била позначајна. Така, сфативме дека жените се соочуваат со многу пречки, од типот на невидливите. Но, постои и друга пречка што може да ги обесхрабри, а како што спомнавте, тоа се нападите, родово базираните напади, посебно на социјалните мрежи. Жените се чувствуваат многу ранливи на ова. Огромна е штетата за нивниот углед, како и за општеството. Тие се многу поранливи од нивните машки противници, а нивните напаѓачи го знаат тоа, па затоа одат по нив. А тоа не е убава глетка.“, изјави Г-ѓа Тана де Зулуета, Раководителка на Набљудувачката Мисија на ОБСЕ/ОДИХР во интервју за ЦИВИЛ МЕДИА.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ЕКОНОМИЈА ТЕЦ „Осломеј“ – прва енергетска транзиција на електрана на јаглен во капацитет за чиста енергија во регионот.
СВЕСНОСТ Во име на повеќе од 2570 слепи и слабовидни лица во државата, Националниот сојуз на слепи, по повод Меѓународниот ден на слепите – 15 Октомври, потсетува на важноста за независно движење на лицата со оштетен вид и на потребата од зголемување на свеста за болестите и состојбите на очите.
ОСУДА ИВЗ ја осудува злоупотребата на религијата за политички цели на кандидатот на Левица.
ПОЛИТИЧКИ ОКЕЈ КОРАЛ
Последна надеж да се убедат гласачите
Последен ден од изборната кампања за локалните избори. Последна надеж на кандидатите за градоначалник, до пред полноќ, да ги убедат граѓаните да гласаат за нив. Последниот ден од кампањата, политичките партии како да го резервирале за оцрнување на противниците, со тоа што на прес-конференции вадат документи за осудување, криминал, незаконско богатење, недомаќинско работење и менаџирање, како и обвинувања за поткуп на гласачи…
Лидерот на партијата „Левица“, Апасиев дезинформира дека браќата од Пука Козметика, односно Жарко и Дарко Масларковски, кандидати за советници од Левица, „се гонат кривично – со обвинителен предлог – за извикување „Македонија“ на протест“. Дезинформацијата има голема тежина, не само затоа што извира од лидер на политичка партија, туку и од пратеник и професор по право, кој има стручни познавања да го толкува обвинителниот предлог кој самиот го споменува.
ЕДИТОРИЈАЛ
„Елита? Слободно опцујте сега, заслужуваат. Знаете што имаат заедничко? Незнаењето и ароганцијата. Едното го храни другото и само растат – и незнаењето и ароганцијата. И тие учествуваат во создавање на политичката култура во оваа земја. Среќа што не се единствените. Има оваа земја луѓе високо качени над мочуриштето што го создаваат овие мрцини.“, пишува Џабир Дерала во едиторијалот „Дембелана“.
АНАЛИЗА
Хронологија на политичките оставки од независноста до денес
Земајќи ја предвид релативно кратката историја на владеење на плурализмот на политичката сцена во нашата земја, историјата на оставки од функциите на политичари, високи владини и партиски функционери во досегашните неколку владејачки гарнитури, е прилично долга. Свој осврт за политичките оставки неодамна даде Сашо Орданоски во колумната „Куса историја на македонскиот политички (не)морал“ објавена на ЦИВИЛ МЕДИА на 13 септември 2021. Тоа нѐ поттикна да направиме хронологија на политичките оставки од првите години на независноста до денес. Оваа хронологија не е целосна и може да се дополнува и, секако, да се продолжи.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Изборно решавачкиот број повторно се сведува на пар стотици илјади гласачи кои, по правило, би требало да имаат порационален, отколку поемотивен пристап при своето гласање. И тоа кај голем број од нив ќе биде повеќе избор за кого да НЕ гласаат, отколку за кого да гласаат. Ако, воопшто, решат да излезат на гласање – што е предизборниот мобилизациски трик на секоја изборна кампања.“, Сашо Орданоски во колумната „Во недела, изборот ќе биде рационален“.