Студентите – Албанци со кои разговараше ЦИВИЛ Медиа, велат дека повеќето од нив не се заинтересирани за студентските избори универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, но и дека недостасува поголемо активирање на Албанците на овој универзитет.
Сибел Османи, студентка на Правниот факултет „Јустинијан Први”, за ЦИВИЛ Медиа вели дека студентите – Албанци, иако се информирани за студентските состојби, не презеле активност за да имаат кандидат или претставник. „Студентите – Албанци се информирани за состојбите, затоа што секоја група има претседател што ги известува за секој настан. Претставник или кандидат – Албанец, колку што ми е познато, нема. Студентите – Албанци немаат воопшто активности во ваквите организирања”, истакна Османи.
И студентот на Економскиот факултет, Ермал Каја, вели дека имаат сознанија за изборите, но дека претставници – Албанци нема. „Информирани се студентите, кандидати или претставници на албанските студенти не знам дали има, јас не сум заинтересиран, а активист – Албанец е Мариглен Демири“, додаде тој.
Денес на УКИМ се одржуваат избори за Студентскиот парламент. А Студентскиот пленум, во кој учествуваат и активисти – Албанци, повика на бојкот на изборите, кои, според нив, се организирани на нелегитимен начин.
Бехар Мемиши