Издавачката куќа „Арс Ламина – публикации“ денеска во рамки на Саемот на книгата ги претстави своите изданија отпечатени на Браево писмо. Изданијата се дел од учеството на „Арс Ламина“ во проектот на УСАИД и ЛЦИФ за деца со нарушен вид.
Изданијата се наменети за учениците со оштетен вид кои ги посетуваат дневните ресурсни центри, каде што децата со пречки во видот посетуваат дополнителни училишни часови.
Директорката на „Арс Ламина“, Бранка Бугариска изјави во медиумите дека досега е отпечатен 21 наслов на Браево писмо, на македонски и на албански јазик, меѓу кои има учебници по математика, природни науки и хемија, детски класици и бајки од Македонија.
Во следната фаза, „Арс Ламина“ планира да издаде уште најмалку 50 наслови на Браево писмо – учебници, романи и книги за деца, лектирни изданија, класици, сликовници, дидактички игри и дополнителни дидактички помагала… Дел од нив ќе бидат изработени и издадени и во вид на аудиокниги.
Се планира и отворање на посебно катче во книжарницата „Литература.мк“ во кое ќе можат да се најдат дел од изданијата на Браево писмо.
„’Арс Ламина‘ ја продолжува соработката во рамките на овој проект, а ќе продолжи и понатаму да обезбедува помош и поддршка во образованието, секаде каде што е потребно, во рамките на своите можности. За децата со оштетен вид кои се веќе вклучени во редовниот образовен процес, ’Арс Ламина‘ и претходно ја даваше својата поддршка преку печатење учебници и помагала во специјални, зголемени формати, што потоа ги донираше до училиштата во кои овие деца ја посетуваат наставата“, изјави Бугариска.