Од денешните изјави издвојуваме: Милевски за локалната самоуправа во согласност со политиките на ЕУ, Томшиќ за дигиталното образование, Бајрамовска Мустафа за неевидентираните лица, Спасовски за безбедноста на границите, Заев за дуелот со опозицијата…
„Заедничкиот консултативен комитет меѓу Северна Македонија и Европската Унија е значаен форум преку кој разменуваме знаење и искуство на патот на интегрирање во Унијата. Го преживеавме на нозе разочарувањето од одлагањето на преговорите и продолживме со несмален интензитет да работиме на реформите. Сметаме на вашата поддршка, затоа што вие знаете колку посветено работиме на градењето на европски вредности и стандарди и преку развивање на прекуграничната соработка во регионот, унапредување на политиката на регионален развој и на процесот на децентрализација на власта“, истакна министерот Милевски.
„Кога ќе се врати наставата во училишните клупи, таа ќе се одвива како и досега, со тоа што ќе се зголеми интеракцијата меѓу наставникот и ученикот. Во училница, ќе продолжи да се работи со тетратка и молив и преку интеракција помеѓу наставник-ученик. За прво и четврто одделение се изготвени нови наставни програми, врз основа на новата Концепција. Учебниците и наставните материјали кои се изготвуваат врз основа на новите програми, се со по инклузивни содржини, недискриминирачки, ќе учат за човековите права„, објасни Душан Томшиќ, советник во Министерството за образование и наука.
„Во однос на бројот на неевидентирани деца, нешто што нас, како одел за заштита на правата на децата посебно нè интересира, деца кои што се родени, по завршување на јавниот повик а не исполнуваат услови за запишување во матичната книга на родените согласно закон, имајќи во предвид дека законот, и оваа категорија лица ја има земено предвид, за жал, добивме информација дека Управата не располага со информација за деца чие што раѓање е после јавниот повик а за кој важи Законот за неевидентирани лица,“ истакна Заменик-народниот правобранител, Васка Бајрамовска Мустафа.
„Од септември месец минатата година ние имаме посебна оперативна акција што се занимава исклучиво со спречувањето на илегалната миграција и дава сериозни резултати во тој дел. Имаме многу ефикасност во делот на одбивањето на таквите илегални обиди. Само минатата недела имаме околу 500 обиди илегални што се одбиени, односно не е дозволен илегален влез на територијата на државата, изјави“ министерот Спасовски.
Заев: Ќе има дуел со опозицијата
„Верувам дека ќе се изнајде решение. Навистина не ја сфаќам логичноста на Левица. Левица испадна и десница, испадна и контра се. Значи, ако се натпреваруваат со ВМРО-ДПМНЕ кој повеќе ќе блокира закони ќе ги добијат резултатите на изборите. Законот за државјанство се однесува за сите наши граѓани. И воочена е потребата и е признаена од сите, од опозиција, од власт, од сите. Ова е решение кое што го најдовме по европските стандарди. Навистина седнавме, власта и најголемите албански опозициски партии и најдовме решение. И сега да се блокира? Јас не можам да ја сфатам која е причината за ова, но постојат алатки согласно Деловникот на Парламентот и ја испочитува опозицијата колку и да била мала таа како Левица треба да се испочитува, но законот ќе се донесе. Немам дилеми дека законот ќе се донесе,“ изјави претседателот на Владата.
Д. Т.