Во изјави на денот денеска – борецот за човекови права и слободи од Република Хрватска, Гордан Босанац за црната кампања, Ципрас за влијанието на Договорот од Преспа и влијанието, Лајчак за односите на ЕУ со Западен Балкан.
ЦИВИЛ МЕДИА направи интервју со Гордан Босанац од хрватската политичка платформа „Можеме“ која на локалните избори постигна ѕвезден успех, со освојување апсолутно мнозинство во Загреб и победи во Сплит и Ријека. Босанац, меѓу другото, изјави:
„Кампањата, особено во вториот круг беше неверојатно валкана. Јас се надевав дека откако се случи Брегзит, се случи Трамп, па дека нешто сме научиле од тоа како да се регулираат кампањите, особено на интернет медиумите. На крајот се виде дека ништо од тоа не е регулирано и дека тоа е еден простор кој соперничкиот тим, за жал, може да го користи да оцрнува и да шири целосно лажни информации за сите нас, за кандидатите.
Но за среќа, гласачите не наседнаа на тоа. И одговорот на твоето прашање до мене, Џабир, е дека тие, како што ние велиме, ја препознаа нашата ДНК, а тоа е дека луѓето собрани околу „Можеме“ се оние што последниве дваесет години се борат на улиците за заштита на јавното добро, се борат за овој град, се борат за човековите права. Во меѓувреме се појавија неколку популистички приказни со краткотраен сјај, кои брзо исчезнаа од политичката сцена. Ние испраќаме една поинаква политичка порака, дека ова не е набрзина составена екипа, туку дека таа наша долгогодишна заедничка соработка сега е препознаена. Луѓето имаат доверба дека ние знаеме да соработуваме и дека ќе знаеме да владееме со овој град. Со нашата позитивна кампања не дозволивме да нè вовлечат во таа валкана игра. Напросто, не сакавме да се согласиме со тоа, туку испраќавме само позитивни пораки, комунициравме со граѓаните во сите квартови на градот Загреб за тоа што ќе менуваме, како ќе менуваме. Луѓето беа со нас и, ете, сега сме тука каде што сме, со мнозинство во град Загреб.“
„Ако не постеше Договорот од Преспа, сега на нашата северна граница ќе ја имавме ситуацијата што ја имаме југозападно од нас, ќе имавме Либија на нашата северна граница. Таму, ќе имавме постојано присуство на Турција“, изјави лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас во интервјуто за грчката регионална телевизија „Стар“.
„Оваа година има потенцијал да биде добра година за односите меѓу ЕУ и Западен Балкан. Имаше дискусија меѓу 27-те министри за надворешни работи, а ќе има уште една дискусија на 22 јуни. Ќе го имаме и самитот за Западен Балкан во октомври и целата оваа платформа ќе се искористи за утврдување на европската агенда за регионот, вклучително и Косово“, изјави Лајчак.
Д. Т.