Димитров: Нашиот случај е тест за Унијата дали ние на Западен Балкан ќе можеме да и веруваме на ЕУ
„Нашиот случај е тест за Европската Унија дали ние во регионот на Западен Балкан ќе можеме да и веруваме на ЕУ и дали ветувањето за европската перспектива на регионот, дадено во Солун во 2003 година и повторено во Софија во мај 2018, се уште важи. Ние имавме безусловна политичка одлука од март минатата година од сите земји-членки дека треба да ги почнеме преговорите за членство, но ова се уште не е реалност,“ истакна вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на панелот насловен „Остварување на долгоочекуваното ветување“ во рамки на Делфи економскиот форум во Атина, на кој учествуваше и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.
Филипче: Се друго освен нов клинички центар е парцијално решение
„Денеска организиравме состанок со дел од претходните министри за да разговараме околу проектот за новиот клинички центар, со цел да споделиме искуства, некои сознанија, перспективи предизвици со кои тие во својот дел од мандатот се соочувале. Практично заеднички став е дека ова прашање предолго се одолговлекува и се разговара повеќе од 15-20 години. Постигнат е на некој начин консензус по ова прашање дека секое друго решение освен нов клинички центар на ново место како гринфилд инвестиција е парцијално решение“, рече министерот за здравство.
Царовска: Наставата од септември зависно од епидемиолошката состојба
„Интересот на ученикот до денеска не е дискутиран, дури и да има потреба од дополнителни кадровски решенија, од повеќе инвестиции, не треба да се плашиме од тоа. Единствен фокус на целата политика треба да биде во образованието, од кое зависи иднината на државата, директно од она колку денеска ќе вложиме ресурси, знаење, посветеност, но и грижа единствено за интересот на ученикот. Учениците имаат еднаков потенцијал, ние одлучуваме колкав ќе биде нивниот потенцијал преку вложувањето во образование. Триесет години сме инвестирале во непотребни работи, од несуштинско значење, а не во училиштата. Како Министерство и Влада покажавме дека фокусот ни е образование, инфраструктурно вложуваме во дигитализација и опремување на образовните центри за по пет години од денеска да имаме воедначен стандард во сите училишта. Тоа не е луксуз туку основни капацитети и потенцијали на училиштата, за да можеме да очекуваме максимални резултати од учениците,“ рече министерката за образовани.
И. Крџиќ