Од денешните изјави издвојуваме, Заев за парламентарното мнозинство, Шахпаска за заштитата на децата и Радев за дијалогот Софија-Скопје.
Заев: Парламентарното мнозинство може само да се зголемува, а не да се намалува
„Одговорно тврдам дека парламентарното мнозинство може да расте, а не да паѓа. Ќе се обидам на наједноставен начин тоа да го објаснам, а е врзано со политиките кои ги води власта предводена од СДСМ и опозицијата од ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е основата дали ќе има миграција на пратеници од лево кон десно или од десно кон лево. Нека ценат сите стручни експерти дали има реална основа да ја зголемиме бројка на поддршка на пратеници на сето ова што го зборуваме за проекти, европска интеграција, за подобрување на државата“, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање по увидот во изградбата на детска градинка во општина Аеродром.
„Заштитата на правата на децата, борбата против дискриминацијата и насилството се наши врвни приоритети и за таа цел Министерството за труд и социјална политика со сите свои капацитети ќе биде дел од проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, особено во компонентата за Човекови права и алтернативни санкции“ , нагласи министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, на денешната работна средба со имплементаторите на проектот Мојца Кузмички и Дитер Шиндлауер.
„Најважната задача е да се врати дијалогот на сите нивоа меѓу Софија и Скопје. Тој пристап мора да се заснова на почитување на ставовите и проблемите на земјите за кои зборуваме и почитување на нивните позиции. Врз основа на овој пристап, гледам отворање перспектива за интензивно продолжување на дијалогот, за развој на соодветни патокази, соодветни документи и односи на сите структурни нивоа, што ќе ги дадат соодветните гаранции за нас, особено за да бидеме убедени дека процесот на проширување ќе биде ефикасен, стабилен и неповратен“, изјави бугарскиот претседател Румен Радев на заедничката прес-конференција со претседателот на Португалија Марсело Де Соуза.