Од денешната лидерска средба по иницијатива на премиерот Зоран Заев, на која своето присуство го потврдија претседателот Ѓорѓе Иванов и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се очекува јавноста да дознае дали конечно ќе има решение за името што би било прифатливо за сите.
Со предупредувачко соопштение, како реакција на можниот исход на лидерската средба, се обратија од Единствена Македонија,. Според нив ова е само очајнички обид за вознемирување на македонскиот народ дека ќе дојде до промена на името и идентитетот.
Што се однесува до нив, нема потреба од вознемирување, затоа што, како што велат, средбата нема да успее.
„Република Македонија до месец јули ниту ќе го промени името, ниту ќе стане членка на НАТО, со што, оваа стратешка цел на Единствена Македонија која ја дефиниравме во јануари годинава и на која ги фокусиравме досегашните наши видливи и помалку видливи активности, е целосно остварена“, се вели во соопштението.
Од Единствена Македонија велат дека тие ќе победат, а сите други ќе одговараат, односно оние што се бореле против основата на македонските и државните интереси.
„За таа цел, Единствена Македонија не се бори против Заев и Мицковски од партијата „Погреб за Македонија“, туку се бори против системот за обезличување на македонскиот народ кој СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со своите странски ментори го инсталираа во изминатите 27 години. Не се политички противници на Единствена Македoнија, Зоран Заев и Христијан Мицковски, оние се само марионети во рацете на странски ментори, наш политички противник е погубната НАТО и ЕУ идеологија која ја уништува Македонија и македонскиот народ“, образложуваат од Единствена Македонија.
МЛ