Нелиберални демократии во Европа е тема на меѓународната конференција што денеска и утре се одржува во Загреб.
Платформата за меѓународна солидарност на Хрватска (КРОСОЛ), Куќа на човекови права во Загреб и Центар за мировни студии, како организатори на конференцијата, нудат можност за дискусија и разобличување на феноменот на нелибералните демократии што во основа се обидуваат да го задушат или институционално да го маргинализираат обидот за функционирање на демократското општествено уредување.
На конференцијата ќе се зборува за тоа дали нелибералните демократии можат да се наречат демократии, зошто наидуваат на плодно тло во источноевропските земји и кои се мерките за одбрана од нив.
На конференцијата ќе учествуваат некои од водечките експерти за прашањата на меѓународните односи, заштитата на човековите права, коишто заедно со активистите од европските земји ќе артикулираат стратегии за отпор кон тоталитарните трендови во Европа.
На првиот панел денеска со почеток во 16 часот, за нелибералните демократии ќе говори и Јадранка Косор, поранешна премиерка на Хрватска.
Џабир Дерала, ЦИВИЛ ќе зборува за животот на работ на нелибералната демократија, утре со почеток во 13:30, заедно со Јелена Берковиќ од ГОНГ и Милан Антонијевиќ од Комитетот на правници за човекови права од Белград.
Конференцијата ќе има свое визуелно продолжение, проекција на документарниот филм„Моја година во Кекеситан“ во саботата во 17:15 часот и разговор со режисерот, Патрик Хермансон.
Меѓународната конференција е дел од Филмскиот фестивал за човекови права што се одржува од 4 до 10 декември, Меѓународниот ден на човекови права, во Загреб и Риека.
Б.Ј.