„ВМРО-ДПМНЕ одбива да се придвижи. Граѓаните треба да знаат дека нема никој во ЕУ или дури и во Европската народна партија – сестринската партија на Груевски, кој ја поддржува таа политика“, изјави европратеникот од редовите на социјалдемократите, Кнут Флекенштајн, на вчерашната дебата во Европскиот парламент насловена „Криза на демократијата на Западен Балкан“, на која се зборуваше и за ситуацијата во Македонија.
Во Македонија, како што истакна Флекенштајн, не се работи за левица или за десница, туку за демократија или не. Флекенштајн дополни и дека е многу разочаран поради исходот од разговорите кои тој, заедно со комесарот за проширување на Европската унија, Јоханес Хан и пратениците Иво Вајгл и Едуард Кукан, ги водеа со политичките лидери во Македонија минатата недела.
На дебатата се обрати и европратеникот Едвард Кукан, кој меѓу другото, го осуди и национализмот во регионот, што според него, е средство кое се користи за придобивање на гласачи.
„Бојкотот на парламентот се претвори во спорт во балканскиот регион, но политичката дебата во земјите треба да се води во парламентот. Сенките од минатото не помагаат, а процесот на проширување со текот на годините ќе стане потежок“, смета Кукан.