Граѓанското општество е важно за ЕУ – е една од тежишните точки во првата сесија од Шестиот форум на граѓанското општество на земјите од Западен Балкан, што го организира Европскиот економско-социјален комитет во Сараево (ЕЕСК).
По поздравниот говор на градоначалникот на Сараево, Абдулах Скака, се обрати претседателот на ЕЕСК, Џорџ Дасис кој ги пренесе европските пораки за граѓанското општество, но и за политиките кои се однесуваат на синдикалното организирање, на слободата на изразувањето и на миграциите.
Со инспиративен говор настапи Горан Свилановиќ, генерален секретар на Советот за регионална соработка, кој говореше за демократските вредности наспроти стабилноста и за обврските на балканските влади кон барањата на ЕУ, но и за обврските на ЕУ кон балканските држави. По краткото излагање на дел од претставниците на синдикатите од регионот, Свилановиќ апелираше до синдикатите да не гледаат кон граѓанските организации со резерва и компетитивност, туку да се солидаризираат.
Граѓанското општество е движечка сила на промените во општеството, рече Ионут Сибиан, член на ЕЕСК на почетокот на втората сесија, посветена на перспективите на односите меѓу ЕУ и Западен Балкан.
ЕЕСК го организира шестиот Форум на граѓанското општество на Западен Балкан во Сараево на 10-11 јули 2017 година. Главните теми на агендата ќе бидат улогата на организациите на граѓанското општество во промовирањето на одржлив раст и вработување, миграцијата во Западен Балкан, слободата на изразување и медиумите, како и правата и зајакнувањето на положбата на жените.
Џабир Дерала