Руските војници киднапираа околу 50 жители на селото Храбовске во украинската Сумска област, на околу 200 метри од руската граница, напиша украинскиот омбудсман Дмитро Лубинец на Телеграм, пренесува Кијив Индипендент.
Според прелиминарните информации, на 18 декември, руските сили нелегално привеле околу 50 цивили – жители на селото Храбовске – држејќи ги без пристап до комуникација или соодветни услови. На 20 декември, тие биле насилно однесени во Русија.
„Веднаш контактирав со Комесарот за човекови права во Руската Федерација, барајќи информации за тоа каде се наоѓаат нелегално депортираните украински државјани, детали за условите на нивниот притвор и нивните итни потреби, како и побарав мерки за нивно итно враќање во Украина. Исто така, испратив писмо до МКЦК“, напиша Лубинец.
Омбудсманот, исто така, ги повика цивилите во областа веднаш да се евакуираат, бидејќи престојот во борбената зона е опасен. Тој ја нагласи потребата од донесување закон за задолжителна евакуација, особено за децата, од области каде што постои непосредна закана за нивниот живот и слобода.
Информацијата за киднапирањето на украински цивили во Сумската област претходно ја потврди и портпаролот на Генералштабот на Украина, Дмитро Лиховиј.
Повеќето од присилно земените се постари мажи и жени; една од жените има 89 години, изјави Лиховиј за „Украинска правда“ на 21 декември. Речиси сите претходно одбија да се евакуираат подлабоко на територијата контролирана од Украина.
Агенциите за спроведување на законот веќе започнаа истрага за присилната депортација на цивили, додаде портпаролот.
Подоцна, Виктор Трехубов, раководител на комуникациите на Здружените сили на Украина, изјави за „Суспилне“ дека на 20 декември, руските воени единици од 36-та бригада влегле во погранично село и се обиделе да напредуваат до еден километар во Украина. Меѓу 50-те земени цивили, повеќето биле мажи – луѓе кои претходно одбиле евакуација.
М. Д.













































