Дуке Бојаџиев ќе одржи два концерти утревечер и во сабота, на 11 и 12 мај, со наслов „Сон Верба Љубов“, во Македонската филхармонија, со почеток од 19 и 30.
За тој повод, денеска се одржа конференција, каде присуствуваше Бојаџиев и дел од музичкиот креативен тим кој ќе настапи со него, како пеачката Тијана Дапчевиќ, Исмаил Лумановски кој ќе настаи на својот кларинет, Костас Анастасиадис на тапани и Мартин Ѓаконовски на контрабас.
„По речиси две години пауза се враќам во Македонија со два целовечерни концертни настапи и огромна радост ми причинува што за првпат ќе настапам во новиот објект на Македонската филхармонија. Музичкиот тим кој стои зад мене, не се само мои долгогодишни соработници, туку и пријатели чиј професионален багаж бескрајно го ценам. На мое огромно задоволство за првпат со мене ќе настапува и мојата долгогодишна пријателка Тијана. На програмата ќе биде дел од мојот авторски материјал освежен со нови нумери од албумското издание Сон-Верба-Љубов, како и дел од моето поново филмско творештво” изјави Дуке Бојаџиев.
Покрај нив на сцената ќе настапат и актерката Наташа Петровиќ како вокал и нарација и стринг квартетот во состав: Владимир Крстев како виолина 1, Маја Ефремова Шеќерова како виолина 2, Марко Виденовиќ на виола и Марија Михајловска на виолончело.
А.П.