Ермин Климента, веб девелопер во ЕЛАМИ, на настанот „Сајбер напади – предизборно оружје“, зборуваше за своето искуство со работата во ЦИВИЛ и за нападите и проблемите со кои се соочувал во 2015 година.
„Во тоа време ми влијаеше, бидејќи бев и помлад, и во тоа време немав видено толку жесток напад врз платформа која јас сум ја изградил. Немав такви искуства со други платформи бидејќи беа обични сајтови за македонски корисници, клиенти кои имаа продавници, информативни сајтови, кои најчесто беа забавни и во тоа време никој не ги допираше. Кога се случија првите паѓања и кога се логираа во серверот, видов дека не постои сајтот и се исплашив. Среќа ми текна дека утрото направив бек ап, го вратив сајтот и повторно ми го избришаа, поради тоа што хостингот не сакаше да издржи такви напади, да страдаат и другите корисници поради напад за кои не бевме виновни ни ние“, вели Климента.
Климента смета дека во Македонија нема добри информатички структури и дека лесно би можел некој сајберски напад да биде успешен и да направи голема штета во една фирма, институција, организација или медиум.
„ЕВН има онлајн наплаќање, ако се влезе во таа база што го спречува некој да избрише дека јас сум платил последните 12 месеци? Јас секогаш плаќам онлајн, ама може да се избрише тоа дека сум платил. Можно е да ги избришат сите податоци и да немаат бек ап, а тоа за во Македонија не ме чуди. Реално немаме добри информатички структури, не сум видел тие принципи да бидат воведени и тие информатички принципи се користат ретко, дури и во организации и фирми“, додава Климента.
Според него, досега многу работи се направени за да се спречат одредени напади, но, дека некои луѓе не ги користат бидејќи ќе треба да работат повеќе.
А. Петровска
камера: Атанас Петровски
монтажа: Владимир Перчуклиевски
фотографија: Биљана Јордановска