Џабир Дерала
Полемиката, ако може така да се нарече, меѓу актуелниот министер Тимчо Муцунски и поранешниот шеф на дипломатијата Бујар Османи е повеќе од обично партиско препукување. Нивното меѓусебно вербално пушкарање на социјалните мрежи не го илустрира само судирот меѓу политичките наративи на власта и опозицијата. Во нивната размена се откриваат суштински различните концепти за тоа како се третираат минатото, сегашноста и иднината на земјата и нејзините институции. Па и политичката одговорност.
Медиумите (оние кои вреди да се читаат) се претпазливи, се обидуваат објективно да ги пренесат Фејсбук објавите на учесниците во дуелот, но со тоа само гребат по површината.
Поминаа четири години од „Францускиот предлог“ и насилните протести во организација на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, по кои стана јасно – уште во 2022 година – дека партијата на Мицкоски ќе ја освои власта јавајќи на хард-кор националистичките наративи кои го замрзнаа евроинтеграцискиот процес.
Во основа, дуелот меѓу Османи и Муцунски се однесува на правната архитектура на Преговарачката рамка и реалните дипломатски достигнувања во тој процес. И тогаш, и сега, фактите најчесто се замаглуваат од дневнополитичките маневри и жестоката националистичка реторика на тогашната опозиција, а сега (речиси) апсолутна власт. Зад таа реторика, да не се лажеме, стои антиевропски став, колку и да се избегнува негово јасно декларирање.
ПАРАДОКСОТ
Самата дебата меѓу двајцата министри уште еднаш го покажува парадоксот во кој е заглавена земјата. Парадоксот се состои во фактот што оние кои политички профитираа од сатанизирањето на преговарачкиот процес, денес од позиција на власт се принудени да ја потврдат неговата правна издржаност. Сличен е случајот со Преспанскиот договор. Заробени во мрежата на сопствените наративи, власта сега го брани она што до вчера го нарекуваше капитулација. Се разбира, не сакајќи. Истовремено, истата структура ги прегазува овие и други договори секојдневно. Истиот случај е и со Уставот, законите, стандардите, вредностите…
Всушност, среде оваа вербална битка, самиот Муцунски признава (во одговор на новинарско прашање) дека билатералните протоколи со Бугарија не се дел од Преговарачката рамка со ЕУ. Зошто е важно ова и како Муцунски сам си пукна во колено?
Додека Османи го водеше процесот и црташе на табла, тогашната опозиција градеше жесток наратив дека тој ги вметнал бугарските историски барања директно во европскиот процес. Но власта сега го потврдува она што Османи го тврдеше со години, а тоа е дека Протоколите се билатерален инструмент, а не дел од европското право (acquis). Затоа, Османи со право реагира. Неговиот наследник успева само да ја потврди преговарачката стратегија што тој ја предводеше, колку и да не сака тоа да го признае, а уште помалку да го спроведе во политичката пракса на владата.
ОСПОРЕНАТА ДИПЛОМАТСКА ПОБЕДА
Усвоената преговарачка рамка е, всушност, дипломатска победа на Османи во исклучително тежок период на бугарско вето. Тој и неговиот тим издејствуваа македонскиот јазик да биде запишан чисто, без никакви фусноти. Првиот конкретен резултат од ова беше Договорот за ФРОНТЕКС, каде ЕУ за првпат потпиша официјален документ со Северна Македонија на македонски јазик. Понатаму, Османи успеа да спречи бугарските историски барања да станат одредници (benchmarks) за отворање и затворање на поглавјата. Без таа позиција, секое поглавје ќе беше подложно на блокада врз основа на тоа како се толкува Гоце Делчев или Цар Самоил. Дали ова е толку нејасно или некои луѓе, едноставно, не сакаат да гледаат? Останува фактот дека дипломатските офанзиви на владата на СДСМ и ДУИ (2017-2022) ја вратија државата на европската мапа, а воедно овозможија зачленување во НАТО. Во овој контекст, токму Османи ги изоде последните трнливи милји за враќање на земјата на европскиот пат. И ова ли е нејасно? Треба ли да се нацрта на табла?
Дебатата околу уставните измени (внесувањето на Бугарите во преамбулата) често се користи за напад врз Османи, но фактите говорат нешто сосема друго. Внесувањето на бугарската заедница во Уставот прави јасна дистинкција меѓу македонскиот и бугарскиот народ, со што директно се урива долгогодишната теза на дел од бугарскиот политички естаблишмент, низ историјата и сега, дека „Македонците се Бугари“. Ова е стратешки потег кој поставува јавна, политичка и правна дистинкција меѓу двата народа во највисокиот државен акт.
ВЛАСТА, ЗАРОБЕНИК НА СОПСТВЕНАТА РЕТОРИКА
Проблемот е што власта е заробеник на сопствената реторика. И да сака, не може да се ослободи од неа. А кога треба да се правда зошто земјата е во изолација, најлесно е вината да се префрли на претходникот, без оглед на тоа колку се неосновани тие обвиненија. Фактите – ако некој сака да ги види – покажуваат дека Бујар Османи остави во наследство рамка во која македонскиот идентитет е заштитен на европско ниво, додека билатералните прашања се оставени надвор од Брисел.
Но проблемот е и подлабок и покомплексен. Играњето на улогата на вечна жртва открива една многу понепријатна вистина. Македонскиот политички естаблишмент – десен или лев, радикален или умерен – предолго избегнува да се соочи со историскиот багаж со кој самите се натоварија и кој со време стана претежок за носење и станува сѐ покомплициран за решавање.
Дипломатските тензии, па и судири со Софија не се со нов датум. Ескалацијата по бугарското вето во 2022 година е последица од тешки прашања кои се игнорираа, па и се злоупотребуваа со децении. Нема потреба да се убедуваме околу последиците од децениската југословенска историографија која активно култивираше антибугарско расположение како алатка за градење на нацијата. Бугарија во тој период не остана без одговор.
ЖРТВА И СООЧУВАЊЕ
Со континуираното присвојување на ексклузивното право над споделени историски личности, Скопје остана тврдоглаво закотвено во минатото, завиткано во сопствените табу теми кои ги трансформира во пропагандни наративи што не помагаат да се излезе од ќорсокакот. Бугарската страна од приказната заслужува посебна обработка, но денеска фокусот е на внатрешниот судир кај „жртвата“.
Јавноста во земјава треба за миг да престане да ги слуша политичарите, аналитичарите и НВО фолирантите и да се соочи со еден поразителен факт. Без оглед на тоа дали Северна Македонија некогаш ќе го исполни условот од „Францускиот предлог“, објективно, земјава страда од многу поголеми недостатоци што не би ѝ дозволиле да напредува, независно од уставните измени што се европска рамка (а не билатерална) веќе четири години. Да потсетиме, „Францускиот предлог“ нуди одмрзнување на процесот. Домашниве политичари ја спремаат јавноста за своите следни неуспеси во спроведувањето на ЕУ-реформите.
Во однос на Бугарија, треба да бидеме самокритични, иако тоа обично се толкува како предавство.
Парадоксален е фактот што Бугарија, првата земја во светот што ја призна независната македонска држава, сè уште често се прикажува низ призмата на пропагандата својствена за периодот на Студената војна (1947-1991). Наместо да се заврши тешката работа на објективна и научно заснована историска ревизија на спорните периоди и личности, на политичкиот естаблишмент во Скопје му е многу полесно да алармира за „надворешен притисок“ и негирање на идентитетот, јазикот и историјата. Ова одбивање да се направи искрено соочување со минатото и со историските факти, директно ја храни и внатрешната поларизација. Тоа, пак, ѝ помага на актуелната власт да го оттргне вниманието на јавноста од катастрофалното владеење воопшто.
Континуираната црна кампања против поранешниот министер, всушност, разоткрива длабок националистички наратив кој ја претпочита удобноста на „жртвата“ наместо тежината на фактите. Преку оспорувањето на легитимитетот на еден етнички Албанец да преговара во име на државата, етнонационалистите создаваат погодна димна завеса која им овозможува целосно да ги игнорираат реалните дипломатски придобивки од Преговарачката рамка.
Но и многу повеќе. Со тоа создаваат амбиент погоден за продлабочување и нормализирање на системската дискриминација што, пак, обезбедува услови за пораст на национализмот и континуирани изборен успех на националистичките и антиевропските политички структури. А кому тоа му одговара? Или да не отворам уште една рана… И онака одговорот (руски свет) сме го дале многупати досега.
Во крајна линија, етничката припадност на министерот е само одбранбен механизам за да се избегне соочувањето со тешките вистини.
Пак не се разбираме?
Каде е таблата?
Напомена: Овој текст претставува лично потпишан авторски став и анализа. Целосната одговорност за неговата содржина ја презема авторот. | Сите права се задржани.













